Буџетот на Министерството за информатичко општесто и администрација идната година ќе тежи вкупно 1,55 милијарди денари што е мал пораст од лани, а најголемиот дел од средствата, 1,2 милијарди, се наменети за финансирање на МРТ, Македонската радиодифузија и АВМУ, истакна министерот Дамјан Манчевски образложувајќи го буџетот на министерството за 2019 година.

Преку обезбедување пари од буџетот, МРТ, МРД и АВМУ добиваат редовни и предвидливи средства. Сега тие ќе имаат можност долгорочно да ја планираат својата работа и програма, да имаат автономна  и независна уредувачката политика, истакна Манчевски.

Министерот Дамјан Манчевски, за реформи на јавната администрација рече дека се предвидени 66,3 милиони денари.

Составен дел на буџетот се и 2,4 милиони денари за Електронскиот регистар на население.

Нагласувајќи дека повеќето проекти што ги реализира Министерството се поддржани од ЕУ, министерот најави нова стратегија за широкопојасен интернет што треба да биде готова до крајот на оваа година, а до средината на идната  треба да се изготви и ИКТ стратегија.

Одговорајќи на новинарски прашања, Мачевски беше дециден дека во 2019 година нема да има вработувања по Рамковен договор. За тоа, како што рече,  не се предвидени пари во буџетот, но ќе се земе предвид правичната застапеност. На ова прашање упати да се побара одговор од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.