Треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи сме население со компактно распространување и голем демографски број. Меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите на Хелсинки ни даваат право да имаме автономно владеење и да ја имаме Република Илирида, која е израз на волјата на граѓаните – Албанци. Ова во саботата дебата во Тетово на тема „Република Илирида-фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“ го изјави Неџат Беџети, претставен како претседател на Движењето Илирида.

Оваа дебата всушност беше најава за формирање на нова политичка партија која планира да учествува на изборите, а „по победата да формираат парламентот на Илирида“, извести од настанот ТВ Клан.

На дебатата во Тетово главниот мотив беше да се реафирмира желбата на Албанците изразена на референдумот во 1992 година за политичко-територијална автономија на Албанците.

„Триесет години сме сведоци на жртвувањата за да владееме заедно со другите народи во Македонија, но ова заедничко владеење не ги даде саканите резултати. Крајно време е за промени. За да постигнеме регистрација како политичка партија и да учествуваме во изборите и изборната кампања, ќе го поднесеме барањето за федерализација на државата и ако ги освоиме гласовите на граѓаните, по автоматизам ќе го формираме парламентот на Илирида, која ќе функционира како втора Ррепублика во рамки на Македонија”, рече Беџети.

Меѓу учесниците на дебатата беа и Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот од 1992 година.