Револуционерната идеологија има за задача да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои во денешно време се ставени под знак прашалник, беше истакнато на научниот симпозиум 129 години ВМРО „Борбата за Македонија која трае“, што денеска го организираше политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

На симпозиумот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање денеска го честита 23 Октомври, и напомена дека 129 години од постоење на Организацијата е сериозна бројка за која многумина животот го дале, многумина животот го даваат, и многумина ќе го даваат во иднина.

-На новата генерација политичари во Македонија, новата генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ е честа, обврска и привилегија да го брани најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ. И тоа можеби е голем предизвик, но јас сум убеден дека ние сите можеме да одговориме на тој предизвик, онака како што само знаееме и умееме – цврсто, храбро и мотивирано да го одбраниме најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ, рече Мицкоски.

Тој напомена дека одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ е да се задржат младите тука, да се направи здравство кое ќе биде конкурентно, да се задржат луѓето со знаење и вештини во државата.

-Македонскиот народ, но и граѓаните во Македонија, сите останати, не само Македонци туку и Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати кои денес живеат во Македонија сакаат да знаат што понатаму во иднината и каков план има ВМРО-ДПМНЕ, како наследник на организацијата, за иднината и што се чекорите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе за таа иднина, бидејќи денеска секој во Македонија очекува од ВМРО-ДПМНЕ државничко и одговорно однесување, без разлика што на централно ниво е ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека иднината е она за која сите ние треба да се бориме, да обезбедиме иднина на поколенијата кои ќе дојдат после нас, а за тоа, како што рече, потребен е голем општествен договор.

Тој договор, како што рече, значи обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, различни структури на луѓе, кон младите, кон оние кои се во посериозни години, кај оние кои се во поодминати години, кај професорите, кај работниците, адвокатите, медицинските работници, кај сите оние кои во општетсвето се уште не го дале својот последен збор.

Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ  Ѓорѓија Сајкоски на симпозиумот говорејќи за идејата за автономна и самостојна држава, посочи дека земјата треба да биде водена од борбата за овозможување на подобро место за живеење, економски подобра земја и држава во која идните генерации ќе сакаат да останат и да ја развиваат онака како што сакаат.

Според него денешните предизвици со кои се соочува државата во однос на докажувањето на својата посебност, автономија и суверенитет се слични на оние во 19 век.

-Нашиот континуитет, нашата посебност и постоење се преговарала и кон крајот на 19 век, а сега сакаат да не оспоруваат. Во вакви тешки услови, во услови каде сега соседите се независни, во налет на голем број пропаганди во тој период се формира во Солун, Македонската револуционерна организација која начелата ги доби по тоа да биде организација која ќе се бори за македонска автономна држава, организација во која главно начело е да се солободи Макеоднија и да биде независна од сите други држави. Она што се охрабрија револуционерите во тој период го продолжија илјадници граѓани после тоа, бидејќи начелата од организацијата се пренесоа во секој дом, човек на организацијата беше секој човек кој живее на теритрорија на Република Македонија и беше организација отворена за секој без разлика на вера и народност, најважно беше да се формира силна држава во која ќе можат да живеат и да се развиваат, оцени Сајкоски.

Рече дека континуитетот за борба за просперитетна држава која ќе биде лидер во регионот треба да продолжи.

Професорката во Институтот за национална историја Наташа Котлар порача дека постоењето на револуционерната борба, но и организација е прилично комплексен процес кој не се создал лесно и не се одвивал праволиниски, како и дека влијанијата од тоа време се исти како и денешните.

-Геостратегијата во тоа време и тогаш како и денес и влијанието на големите сили, и тогаш и денес влијааат врз историските настани, а особено врз македонската историска вертикала, и нивната судбина е резултат на тие силни влијанија, како што денеска доживуваме влијание во ова наше современо живеење. Револуционерно значи коренити промени и во општеството и во политиката и во економскиот систем, револуционерна борба може да постои само доколку има идеологија, Македонската револуционерна идеологија во тие такви услови внесува идеологија, изјави Котлар.

Котлар исто така истакна дека Македонската револуционерна организација е логична последица на она што претходело и има своја идеологија.

-Македонската револуционерна организација која се појавува во 1893 година е една логична последица на она што претходело, револуционерна борба. Но, револуционерна борба може да постои само ако има идеологија. Македонската револуционерна организација при нејзиното создавање па и во понатамошниот нејзин развој има идеологија и многу ми се допаѓаат определбите на Петар Поп-Арсов и на Ѓорче Петров во однос на тоа. Петар Поп-Арсов, еден од оосновачите кои што ги спомнавме вели дека Организацијата се создаде токму за да одговори на македонските потреби и ова не го измислувам, туку е дел од неговите искази пишувања. А Ѓорче Петров вели дека Организацијата се појави токму во моментот кога беа потребни моменти и акции за да одговорат на подлабоки, поблиски и пореални потреби на македонското население во тој период, рече Котлар.

На денешен ден во 1893 година се формирало Македонското револуционерно движење со цел создавање современа македонска држава