Во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во скопската населба Мичурин ќе никне и детска градинка, откако таму пред неколку години беше изграден угостителски објект.
Револитирани од ваквата одлука, родителите и учениците утре во 12 часот, ќе одржат мирен протест, со цел да изразат незадволство поради изградба на градинка во дворот на училиштето, односно делот каде што децата се рекреираат и имаат спортски активности.
Тие велат дека на овој начин сакаат да им порачаат на одговорните лица дека нема да дозволат изградба на градинка во дворот на училиштето. Родителите реагираат дека со изградбата целосно ќе се затвори просторот на училиштето и децата ќе немаат простор за играње.
Советот на училиштето подготвува петиција до општината со која ќе бара да се промени одлуката.
Од општина Аеродром објаснуваат дека ќе се градат две градинки, бидејќи нема каде да се прифатат малите деца.
Според ДУП за градска четврт И11, претходното раководство на посочената локација има впишано маркичка В2 за здравство и социјална заштита – детска градинка. Општина Аеродром има план да изгради две нови детски градинки во овој дел на општината, затоа што е зголемена потребата на жителите од вакви објекти. Кога ќе се почне со изградбата на градинката, ќе се изгради ново спортско и детско игралиште во дворот на ОУ „Блаже Конески“. Училиштето располага со голем училишен двор, каде што има место да се изгради и нова детска градинка – објаснуваат од општината.
Comments are closed for this post.