Од петти јуни до деветти јули, Македонија ќе биде домаќин на досега најголемата вежба која се организира во нашата држава, „Одлучен удар”. На вежбата ќе учествуваат над 2.700 припадници од Армијата на Република Северна Македонија и од вооружените сили на САД, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Литванија.
АРМ учествува со околу 1.300 припадници, исто толку се од САД, војската на Црна Гора испраќа 75 припадници, по 25 припадници од Албанија и од Бугарија, како и 10 од Литванија.
Во изјавата по денешниот брифинг за вежбата, на полигонот „Криволак”, министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека организацијата на оваа, досега најголема вежба на територијата на нашата држава, ги покажува нашите капацитети, но е и доказ за довербата која НАТО партнерите ја имаат во Македонија.
„Фактот дека во наша, национална вежба, која самите ја организираме и водиме, и на која ќе учествуваат шест земји од кои сите други се веќе членки на Алијансата со над 2.700 припадници на овие шест армии, покажува дека можеме, покажува дека знаеме и дека сме создале доверба”, рече министерката Шекеринска.
Министерката рече дека вежбата ќе подразбира голема интероперабилност и соработка на 6 до вчера партнерски, а од крајот на годинава сојузнички армии.
„Се разбира дека нашиот стратешки партнер, САД, кои се втори по големина учесници на вежбата, се партнери со кои веќе соработувавме и со кои многу често вежбавме и во минатото и затоа не беше случајна и довербата која ни ја дадоа со организација на вежбата „Одлучен удар”. Фактот дека за прв пат ќе имаме навистина комплексна вежба, вежба која обединува многу армии, вежба која ќе се изведува и на копно и во воздух, мислам дека покажува колку брзо работите се менуваат и колку нашата армија и нашата земја веќе функционираат како „де факто” членка на Алијансата”, рече министерката.
Одбранбеното аташе на САД во нашата држава, полковникот Тимоти Бјукен посочи дека САД и Северна Македонија се стратешки партнери, дека одбранбената соработка е силна и ќе станува уште посилна. Полковникот Бјукен истакна дека САД силно ја поддржува Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО, дека процесот на ратификација на пристапниот протокол е започнат во американскиот Сенат и дека се очекува истиот да заврши до оваа есен.
Тој објасни дека најголем дел од војниците од САД кои ќе учествуваат во вежбата „Одлучен удар” се од два баталјони од 56. Бригада на Страјкери, од Националната гарда на Пенсилванија.
„Вашата посветеност кон безбедноста и докажува дека ќе бидете силен сојузник во НАТО” додаде Бјукен.
На брифингот за медиуми се обрати и командантот на Здружената оперативна команда, генерал – мајор Павле Арсоски кој посочи дека оваа вежба покажува дека полигонот „Криволак” е исклучителен капацитет и според големината и климатските услови, но и инфраструктурата.
Командантот на 56. Бригада на Страјкери, полковник Мајкл Векшајдер истакна дека во текот на вежбата ќе се развие интероперабилноста помеѓу Армиите, ќе се разменат искуства и ќе се развијат одлични односи на соработка. Полковникот додаде дека полигонот „Криволак” има огромен потенцијал и претставува одлична локација за заедничко унапредување на вештините.
Директорот на вежбата, потполковникот Игор Манасовски детално информираше за планираните активности и задачи кои ќе се одвиваат до деветти јули, кога вежбата официјално и ќе заврши.
Comments are closed for this post.