Ниту еден политичар, претседателот на држава Стево Пендаровски, министер, јавна личност или естраден уметник не излезе на вечерашниот протест за поддршка на лицата со попреченост. Лицата со попреченост излегоа да побараат достоинство, но нивниот глас остана нем во ова инертно и незаинтересирано општество. Оние кои можат да им дадат општествен звук на нивните барања, останаа во домовите, кафулињата, во својата зачмајаност.

Лицата со попреченост и родителите кои се грижат за деца со попреченост велат дека се чуствуваат оставени сами на себе. Велат свесноста во нашата држава одамна престана да постои. И имаат право.

На протестот кој започна пред Владата, а заврши пред Собранието, парадираа малкумина. Општествената стигма е онаа што ги држи овие лица подалеку од јавноста. Некои се плашат, некои се срамат, а трети едноставно не можат. Немаат помагала, немаат услови. Немаат средства да допатуваат до Скопје. Немаат кому да ги остават лицата за кои се грижат… Но, зарем на парадите парадираат само дискирминираните?! Каде се силните поддржувачи на дискриминираните, на угнетените?! Нивниот глас ќе се слушне подалеку ако викнеме сите. Но, не викнавме!

Јас не паметам дека некој претседател дошол на наш протест или министер и заедно да се гушнеме и да кажат планот е тој и да ги смениме работите, да поставиме систем за да фунцкионираме нормално. Поминуваме сега сите тука од Владата до Собранието и никој не ни се придружува. Луѓе не гледаат од кафулињата и никој не стана. Ме зачудува рамнодушноста на луѓето особено што еден ден секој може да биде како нас. Или како родители на деца со попреченост или, не дај боже, да доживеат несреќа и да станат лица со попреченост, рече денеска на протестот една од организаторите на протестот Ребека Јанковска – Ристевски, мајка на дете со попреченост.