Бугарија жали што заклучоците на Советот на ЕУ за процесот на асоцијација и стабилизација беа неочекувано блокирани од две земји-членки без образложение за време на денешниот Совет за животна средина на ЕУ. Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да ги продолжиме нашите напори за постигнување консензус за проширувањето, соопшти синоќа бугарското Министерството за надворешни работи по одлуката на на Чешка и на Словачка да не ги прифатат заклучоците предложени од германското претседателство, а во кои на инсистирање на Софија е вклучена и реченицата за „погрешно толкување на историјата“.
– Бугарија ги одобри заклучоците на Советот за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус. На инсистирање на Бугарија, во заклучоците беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Македонија со Бугарија и Грција и дека нивното спроведување ќе стави крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата. За време на состанокот, заклучоците беа одобрени од сите, се вели во соопштението од бугарското МНР.
Ветото на заклучоците на Советот, според официјална Софија, носи ризик да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да ги испраќа потребните сигнали до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат на Унијата мора да ги преземат.
– Како една од земјите-членки што го поддржуваат проширувањето, Бугарија би сакала да го охрабри Советот да преземе конструктивен пристап во сегашната ситуација со цел да се овозможи донесување заклучоци за време на сегашното претседателство со Советот на ЕУ, се додава во соопштението.
Министерството за надворешни работи на БУгарија појаснува дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето немаат никаква врска со процесот на одобрување на рамките за преговори со Македонија и Република Албанија.
– Бугарија ја одобрува рамката за преговори за Албанија и го поздравува давањето дополнително време за подобрување на рамката за Македонија, соопшти Министерството.
„Бугарија ја поздравува рамката за преговори за Албанија и го поздравува дополнителното време предвидено за подобрување на рамката за Република Македонија, стои во соопштението на бугарското МНР.
Прага и Братислава вчера објавија заеднички став во кој официјално потврдуваат дека не можат да се согласат со заклучоците предложени од германското претседателство. Главен проблем, како што јави дописничката на МИА од Брисел, е реченицата за „погрешно толкување на историјата“.
Чешка и Словачка му се заблагодаруваат на германското претседателство за обидите да се изнајде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но сметаат дека тие се неприфатливи и дека претставуваат опасен политички преседан за процесот. Во заедничкото соопштение на Чешка и Словачка се потсетува дека заклучоците за Советот на ЕУ треба да „испратат обединета порака“ и имаат директни последици врз иднината на процесот на проширување.
Двете земји предупредуваат дека оваа формулација поврзана за историјата не е предмет за Европската Унија и дека не и припаѓа на ЕУ да суди кој како се идентификува и каков јазик говори. – Овие прашања припаѓаат на засегнатите страни и тука сме да им помогнеме со нашето искуство во овој процес на лечење, стои во зедничкото соопштение на Чешка и Словачка
Comments are closed for this post.