Братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, во интервју за „Слободен печат“ негира дека поседува фабрики за производство на канабис.

Фабриките за производство на канабис во Свети Николе и во Валандово се во сопственост на моите двајца братучеди. Ниту јас, ниту брат ми, немаме лиценца за одгледување и производство на канабис. Немаме ниту личен дел во фирмите на братучедите. Дури и тие не се сто проценти газди, имаат партнери од Холандија, Германија и Израел, вели тој.

Не сум безгрешен, додава Заев, ама 90 проценти од работите што ми се ставаат на товар не се точни.

Самиот факт што никој не се пожалил дека некого сум рекетирал, дека сум влегол во нечиј бизнис или сум му земал нешто што не ми следува зборува дека јас не сум престапник на законот. И тоа што се зборувало е на база на шпекулација, докази нема. Никогаш не „фаќам врски“. Пред некое време ме казни полиција за неносење маска, и најрегуларно си ја платив, уверува братот на премиерот.