Министерството за внатрешни работи преку соопштение ги демантира и ги нарече лажни дезинформации, тврдењата на партијата ВМРО-ДПМНЕ дека веќе два месеци на позицијата началник на СВР Штип е лице против кого е поднесена кривична пријава за криумчарење на мигранти.

Од МВР потврдуваат дека против полицискиот службеник Љ.Т., Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Обвинителството за организиран криминал и корупција е осомничен за сторено кривично дело, а дека по добиено писмено одобрение од надлежното Обвинителството, внатрешната контрола во МВР, повела постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и наложила истиот да биде суспендиран до завршување на дисциплинската постапка.

„Љ.Т не извршува работни задачи поради користење боледување, а во моментот вршител на должност – раководител на СВР Штип е помошник началникот кој работните задачи ги извршува согласно законот. Веднаш штом ќе биде затворено боледувањето, односно Љ.Т ќе се појави во просториите на СВР Штип, решението за времено отстранување од работа односно суспензија, како што налагаат законските прописи, ќе му биде врачено. Значи, ова е само уште една во низата невистини што ги шири оваа политичка партија, се вели во соопштението на МВР до медиумите.