Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција најави дека до Обвинителството ќе ги испрати сите документи за аферата „Мафија“, кои ги добиле преку свиркачи и дека бараат експресна реакција.
Мицкоски рече дека аферата потврдува дека власта е во спрега со мафијата и дека ова не само што има негативно влијание дома, туку се одразува и регионално.
Тој приложи докази дека двајцата, како што рече тој, членови на високи мафијашки структури Јован Вукотиќ и Седат Пекер, добиле македонски пасоши со туѓ идентитет.
– Кога пред неколку месеци кажав дека државата е управувана од мафија бев обвинет дека сум престрог во квалификациите. Тогаш имав индиции, денес имам докази дека има тесна поврзаност на мафијата со државата. Државата ја имаат ставено на располагање на тацна на балкански мафијашки структури, власта соработувала со балканските нарко босови. Свиркач достави информации дека се давале пасоши на високи мафијашки структури и тоа во МВР. Се работи за легални пасоши кои се добиени со украден идентитет. Вакви патни исправи има повеќе стотици. Истите биле посакувани од криминални структури за да перат пари. Таков пасош издаден од МВР има и лицето Јован Вукотиќ, кој медиумите го преставуваат како водач на Шкаљарски клан, а пасошот бил на име на Андонов Георѓи. Вукотиќ во белградскиот Суд признава дека добил македонски пасош, на туѓ идентитет. Уапсен во Анталија и испратен во Србија. Во неговиот исказ кој го води заменик јавниот обвинител јасно стои дека тој дошол во Македонија, дал отпечаток, на патната исправа е неговата слика, и со таа патна исправа патувал во Украина, Шпанија, Турција – рече Мицкоски.
Тој додаде дека, вториот, Седат Пекер, кој има барање за лична карта на име Џадин Амедовски, фигурира и во избирачки список, има право на глас во Општина Чаир. Може да се претпостави дека ова лице можеби гласало.
Мицкоски вели дека за да се издадат овие пасоши треба да се влезе во полициска станица и дека ова е шамар за државата и доказ за тесната врска помеѓу мафијата и власта. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика медиумите да ја истражуваат аферата „Мафија“, бидејќи како што рече, има притисоци до медиумите да го премолчат овој скандал.
– И ова не треба да заврши вака дека МВР апси некои „ситни риби“ и службеници. Ова не би било без знаење на високите раководни структури. И ако не заврши со одговорност, тогаш повторно го заштитуваат криминалот. Овие документи ќе ги продадеме на Обвинителството и очекуваме брза акција – рече Мицкоски.
На новинарско прашање дека МВР излегла со информација дека спровела акција за тој случај и дека ВМРО-ДПМНЕ со објавување на информации се обидела да ја саботира акцијата, Мицкоски одговори:
– Ако ја спроведувале во последните година дена требало да ја спроведат. Дај Боже стално вака да ги саботираме. Ако спроведуваат акција нека почнат од себе, а не од полицајци. Да бидеме сериозни криминалот и мафијата тука имаат своја држава. Да не беше брифингот на ВМР-ДПМНЕ немаше да се разбудат од зимскиот сон. Криминалот е во врвот на власта, сè останато е растурање пердуви и приказни за мали деца.
Comments are closed for this post.