НЕ за ваков пат кон полноправно членство во ЕУ, порачува преку статус на Фејсбук, Тимчо Муцунски.

Предлогот во врска со усвојувањето на предлог преговарачката рамка за Република Македонија со ЕУ е неприфатлив затоа што е спротивен со меѓународното право и принципи и нашата држава ја става во подредена и нерамноправна позиција.
Ние мораме примарно да водиме сметка за нашиот дигнитет и достоинство како народ и држава.
Верувам во доследноста и принципиелноста на доскоро прокламираниот став на земјите членки на ЕУ, дека земјите кандидати за членство во ЕУ билатералните прашања со земјите членки треба да ги решаваат билатерално и надвор од преговарачката рамка. Тој став едноставно мора да остане и понатаму, од причина што постои сериозна опасност од создавање на досега невиден преседан и отворање на можноста во иднина целиот пристапен процес кон ЕУ да биде злоупотребен од страна на поединечни земји членки. Верувам дека секој Македонец и добронамерен Европеец ќе се согласи со мене дека државата, нејзиниот суверенитет, идентитет, јазик, историски и културни придобивки не смеат и не можат да бидат монета за пазарување, без оглед од каде и зошто доаѓаат барањата и кои се целите на барателот.
Во име на европските вредности, верувам дека политичките партии и поединци во нашата татковина јасно ќе го нагласат ставот дека се неприфатливи сите непринципиелни и предлози и позиции, кои значат понатамошна блокада и неможност за наш формален почеток на процесот на преговори со ЕУ.
Како политички чинители во Македонија верувајќи во правото, правдата и праведноста мора да се придржуваме кон јасно определените позиции во усвоената Резолуција од страна на Собранието на Република Македонија, а тоа значи НЕ за ваквиот француски предлог на патот кон ЕУ.
Во наведениот контекст би сакал да ги произнесам следните констатации:
1. Очигледно усогласениот, но за нас со непозната содржина, Билатерален протокол за спроведување на Договорот со Бугарија од страна на претставниците на македонската и бугарската влада е сериозна енигма, за кое разрешување во иднина ќе треба да направиме соодветно истражување, а со цел да ги дознаеме вистинските факти, да ги побараме вистинските одговори и евентуално да ја утврдиме одговорноста на оние кои во наше име се согласиле да прифатат формулации кои се спротивни на државните интереси.
2.Барањето да се иницира спроведување на уставни измени во нормативниот дел со внесување на Бугарите како државотворен народ е крајно неодговорен и неприфатлив предлог.
3.Не смееме и не можеме да се согласиме да дадеме било каква унилатерална декларација, со која дополнително ќе го потврдуваме вековното постоење на македонскиот народ и македонскиот јазик. Неговото признавање и употреба јасно е определено и потврдено во рамките на ООН, каде е внесен во нашата идентитетска карта. Таквото право го нема ниту една држава и не смее да биде дозволено.
4.Историјата е наука која преку научни методи и преку непристрасни и независни научни истражување доаѓа до одредени сознанија и факти и кон чие толкување секако треба да биде дозволен мултидимензионален и мултиперспективен пристап.
Ниту една држава не смее да си дозволи со политички средства и политички притисоци еднострано да и го наметнува на друга држава своето толкување на историските факти, како единствена и апсолутна вистина. Сакаме и целиме кон решение, но ваквиот предлог ги преминува нашите црвени линии. Затоа, НЕ за вакво решение на патот кон ЕУ, пишува Муцунски.