Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, со своето барање до бизнисмените финансиски да ги мотивираат вработените за да гласаат на референдумот направи неодоговорен и опасен потег, што може негативно да влијае на демократичноста на референдумот за договорот со Грција, но и на сите идни референдумски или гласачки активности, се наведува во периодичниот извештај од набљудувањето на референдумот што го спроведува граѓанската асоцијација МОСТ.

Во тој извештај се додава дека таквиот и слични потези како тој на Заев не би смеело да бидат дел од однесувањето на политичарите.

Апелот на претседателот на Владата на РМ до бизнисмените, финансиски да ги мотивираат вработените во нивните компании да гласаат, е неетички потег кој не треба да биде дел од еден ваков важен процес. Ваквото однесување поставува преседан кој во иднина може да стане составен дел од кампањите и однесувањето на политичарите – наведува МОСТ во својот извештај.

Од граѓанската асоцијација го поздравуваат воведувањето на веб-алатката од МИОА која овозможува пријавување притисоци во администрацијата. Според нив, особено позитивно е што алатката овозможува анонимно пријавување, што уште повеќе треба да ги охрабри вработените во администрацијата да пријават евентуални притисоци.

Засега, во текот на набљудуваниот период не бил пријавен ниту еден случај на оваа веб-алатка, а од граѓанската асоцијација ги охрабруваат граѓаните да пријават какви било притисоци или нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080-080-080.

Набљудувањето на референдумот од страна на МОСТ почна на 3 септември, со распоредување на 80 долгорочни набљудувачи, кои ги покриваат сите општини во Македонија. МОСТ ја следи работата на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и активностите на сите субјекти поврзани со претстојниот референдум.

Во тој период, добиени и анализирани се 311 извештаи за кампања и 978 дневни извештаи за настани и случувања во општините. Од нив, како што наведува МОСТ, може да се заклучи дека единствениот субјект кој има интензивни активности на терен е коалицијата „Заедно за европска Македонија“.