Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје доставил обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело трговија со дете, а до Советот за деца при Основниот кривичен суд Скопје е поднесен предлог за примена на санкција спрема деца во судир со законот над 16 години за истото кривично дело.
Обвинетиот македонски државјанин, соопшти денеска ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, во април годинава со намера да се ожени, ја купил петнаесетгодишната жртва за сума од 1.600 евра од нејзиниот малолетен роднина, иако знаел за возраста на девојчето.
Малолетникот ја подвел својата петнаесетгодишна роднина на претходно договорен присилен брак, со измама ја земал и ја однел на договореното место. Осомничениот ја исплатил побараната сума и употребувајќи физичка сила, психолошко насилство и обид за обљуба го повел со себе девојчето кое пружало отпор. Жртвата искористила прилика и во погоден момент избегала и се јавила на своите родители, се појаснува во соопштението.
Заедно со обвинението, надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинениот.
Comments are closed for this post.