Инспекторот Ѓорѓи Илиевски кој го откри  скандалот со дипломите за повисоко стручно звање од Тетовскиот Универзитет на министрите Арбр Адеми и Агим Нухиу, и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули треба да одговара пред дисциплинската комисија.

Покренатата дисциплинска постапка се однесува на неговото изнесување на факти за предмети кои немаат конечност во постапката. При тоа од негова страна се изнесени факти за предмети кои се во развојна фаза и не се реализирани-велат од државниот просветен инспекторат.

Инспекторот Илиевски вели дека за дисциплинската против него дознал пред два дена. Тврди дека е покрената само за да го замолчат. Уверува дека пред да го добие известувањето за дисциплинска постапка, добил неколку опомени и предупредувања од страна на директорот на Инспекторатот, Томе Спировски и државниот инспектор, Африм Салиу.

Причината е што сум направил несовесно работење, зашто сум открил незаконитост направени од функционери во Владата. Се обратив до Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и Државната комисија за спречување на корупцијата и Инспекцискиот совет. Очекувам државата да ме заштити. Бев замолуван од министерот за образование да го сокријам, да го забошотам случајот. Бев замолуван од заменик-министерот за внатрешни работи. Ми укажа да внимавам дека имам семејство и деца, рече Илиевски.

Целосната документација Илиевски ја доставил и до премиерот, но наместо лично да се сретнат средба имало само со шефот на кабинет на Заев. Просветниот инспектор кој ги чешлаше добиените дипломи и документите во факултетот бара и средба со како што го нарече „вториот премиер“, Али Ахмети.

Функционерите кои беа предмет на истрага, беа унапредени во доценти, иако според законот, оваа нивна функција е во мирување додека се на државни позиции. Кога последен пат беше прашан околу ова Адеми ги охрабри надлежните институции да ја вршат нивната работа.

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во Државниот просветен инспекторат во 10 часот. Илиевски бара седницата да биде отворена, со цел, како што вели, јавноста да ја дознае вистината.

За дисциплинската постапка реагираше Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар. Тој на својот фб напиша, наместо да се поддржуваат луѓето кои пријавуваат незаконитости и нерегуларности, истите се осудуваат и прогонуваат.