Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во општина Карбинци каде што присуствуваше на увид на градежни активности во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“, при што беше прашан за коментар за оценската мисија на Европската Унија за работата на Судскиот совет, која ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир и која премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави.

Мицкоски истакна дека со тоа премиерот Ковачевски на отворена сцена призна дека е неспособен и дека за ништо не го бива да сработи, освен што размислува за парцели за фотоволтации, прашувајќи зошто ги плаќаме институциите, за од надвор ќе треба да дојдат експерти за да ни кажат колку институциите не ни ги бива.

-На отворена сцена Димитар Ковачевски признава дека е неспособен и дека освен тоа што размислува за парцели за фотоволтаици, тој буквално за ништо друго не го бива да сработи. Па сега ние ќе носиме оценски мисии вакви, експерти од странство такви, овие ќе ни ја прават реформата, оние ќе ни ги завршуваат проектите. За што е тогаш тој премиер? Не знаеше што се случувало, не знам со Мерко, поздравува експерти од странство, за што ги плаќаме институциите и кој е тој кој што треба да управува со тие институции, за да носиме дополнително од надвор луѓе кој што ќе ни кажат колку институциите не ги бива, прашува Мицкоски.

Мицкоски додаде дека решение за ваквата состојба во државата се предвремените парламентарни избори, за да неспособните кои се на власт си заминат и да дојдат луѓе кои знаат како да ги управуваат институциите.

-Затоа е потребно предвремени парламентарни избори. Да заминат овие луѓе, да дојдат луѓе кои што знаат да ги управуваат институциите и да се зафатиме за работа, да ги реформираме институциите и да бидеме пример каков што не така одамна бевме пример не само за регионот, туку и за Европа. Час поскоро замине оваа влада на ДУИ и СДСМ и Димитар Ковачевски, толку поскоро ќе и тргне на Македонија, рече Мицкоски.