Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија најави дека ќе се случат протести ако корумпираните судии за кои беше изгласана недоверба во Собранието не си дадат оставки, а на тие протести тој ќе биде во првите редови.

-Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи, истакна премиерот Мицкоски.

За тоа кој ќе ги замени, Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но едно е сигурно дека нема да биде исто, нема да има вакви луѓе за кои има докази, затоа што како што рече, правда не може да има како сега со судии или обвинители или пак членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови.

-Тука има луѓе за кои има докази кои се или како се. На крајот на денот ние сите овие процеси кои ги водиме, не ги водиме за да биде исто, немам причина за да биде исто, само со нови луѓе. Имаме извештај од Оценската мисија кој јасно дава насоки како да се движат реформите и истите ќе ги имплементираме. Ќе се држиме до извештајот, само нешто да смени, затоа што не оди вака, ако сакаме да имаме држава. Сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава и да основаат семејства во оваа држава, јас ќе се борам за таква држава, дециден е премиерот.