Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интевјуто за емисијата 360 степени истакна дека владата нема легитимитет ниту авторитет да спроведува процесот на уставни измени кои ги најавуваат цела година. „Требаше да се случат есента 2022 година, па не есента, па крајот на 2022 година, па го репозиционираа тој термин за февруари 2023, па не февруари во мај, за сега да дојдеме во една фаза во која го туркаат на начин на кој тие го замислиле“- рече Мицкоски и дополни „Политичари кои сакале да имаат политички авторитет и политичари со народен кредибилитет најпрвин треба да излезат пред народот.
Претседателот Мицкоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ побара да се дадат гаранции, да се изготви социјален пакет, зачувување на национално достоинство како предуслов за било какво отворање на темата за уставни измени, но пред се да се излезе на избори и сите овие околности и црвените линии да се претстават пред народот. „Се прифати решение за кое што немаше национален консезус. Дури и одредени партии кои беа дел од владината коалиција тогаш, застанаа против тоа решение. Зошто е важен тој национален консензус? – посочи Мицкоски и продолжи: „Кога ќе ви речат подобар договор од ова не може да има, тоа е своевиден ултиматум. Од каде да знаат луѓето? Зарем во сета оваа поларизација во Македонското општетство, немањето народен легитимитет и авторитет, да верувам во преговарачките и дипломатските способности на Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека постигнале најдобар договор и дека од тоа подобар не може да има? Имаше подобар договор и ќе ви кажам и подобри понуди. Предлогот на германското претседателство е многу подобар од овој кој што го потпишаа. Знаете зошто не помина, затоа што во Бугарија се постигна национален консензус и тие го одбија тоа и знаеа дека следниот предлог ќе биде многу подобар, – рече Мицкоски и потсети дека владата и Димитар Ковачевски одби да го вклучи ВМРО-ДПМНЕ во процесот кога му беше понудено. Мицкоски посочи дека дури и Договорот кој што во време владата на ВМРО-ДПМНЕ и владата на ГЕРБ го договарале и кој бил речиси завршена работа бил многу поповолен од тоа кое што после тоа го потпиша Зоран Заев, но најпрвин не бил потпишан поради тоа што во прв момент падна владата на Борисов, па имаше година дена техничка влада, а потоа почнаа да се објавуваат оние нелегални снимки од 2015-та година од страна на тогашната опозиција и Зоран Заев. „Јас барам фер шанса за мојот народ. Овој народ и овие граѓани на Македонија направиле толку многу за тие европски вредности, што не заслужија ваков однос. Јас само тоа го барам, фер однос, каков што имале Словенците, Хрватите, Чесите, Унгарците, Романците. Знаете зошто не постои фер за нас, затоа што имаме политичари кои што по линија на помал отпор, за да останат ден повеќе да прават сомнителни работи за кои постојат основани сомневања за криминал и корупција, се подготвени се и сешто да потпишат’ – рече Мицкоски и нагласи дека ќе се бори за својот народ и ќе бара од Европа да застанат позади вредностите кои што на времето ги дефинирале Шуман, Аденауер и Де Гаспери.
Comments are closed for this post.