Денес го празнуваме почетокот на организираниот отпор на македонскиот народ кој потоа низ една жестока битка на страдања, жртви и откажувања ни ја донесе слободата која ние денес ја живееме.
23 Октомври е Денот на македонската револуционерна борба која го означува почетокот на една од речиси најдраматичните борби за слобода водена во овие простори на Европа, проткаена со многу настани, светли и темни мигови, со многу епски настани и борби, со многу емоција на синовите и ќерките на нашиот народ кои се вградија во нашата слобода. 23 октомври е и почетокот на организацијата која се роди во Солун и 130 години е стожерот на Македонија. И кога прашуваат што е толку свето во тие идеи, зошто толку многу се поклонуваме пред овие настани, херои и паднати животи, тоа е затоа што во срцето на таквиот концепт секогаш била и секогаш е и ќе продолжи да биде МАКЕДОНИЈА, истакна лидерот Мицкоски на прославата пред Камениот мост.
А организацијата ВМРО произлезе од столетниот порив на нашиот народ за држава и независност. И народот е организацијата, и организацијата е народот не само поради тоа што постои папочна врвка меѓу овие две работи туку и затоа што еве веќе 130 години тлее огнот кој се роди како природно ехо на стотиците и стотици години поминати во ропство и стотици и стотици години на самодокажување и борба за слобода низ едно тешко време.
Шестмината револуционери интелектуалци: Груев, Татарчев, Поп Арсов, Хаџи Николов, Батанџиев и Димитров го почнаа делото, ја формираа организацијата на овој ден, но и илјадници други исто така толку големи како и овие оставија белег во борбата за слобода и беа дел од ВМРО.
Токму ваквата бурна историја на востанија, буни, постојаниот немир против неправдите многу ги чинеше синовите и ќерките на организацијата кои оставаа семејства, се двоеја татковци од деца, мајки од своите чеда, зошто, за да ги положат животите за Македонија.Питу Гули кога загинал во нерамноправен бој на Мечкин Камен имал 38 години, а зад себе оставил 4 мали деца.На само 31 година загинал Гоце Делчев кој е апостолот на нашето револуционерно дело. Животот на Христо Узунов згаснува на само 27 години оставајќи писмо за неговата мајка каде кажува дека „маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас, вели тој – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила”… Организацијата ВМРО е таа која ги обединувала ваквите наши титани на револуционерното дело од чија борба и самопрегор се оставале длабоки траги низ нашата историја и во овој момент освен да си спомнуваме за ваквите дела тие го имаат и мојот поклон кон нивните животи посветени на нашата татковина Македонија.
И треба да бидеме исклучително горди на нашето дело бидејќи нашата слобода независно што велат и пропагираат нашите соседи, му припаѓа пред се на пожртвуваниот македонски народ кој даде пот, даде крв, даде животи за ова што денес го живееме. И иако сме можеби малуброен народ не треба да се заборави, гледајќи ги ваквите светли примери за кои говорам дека ние имаме херои кои платиле скапа цена, многу поскапа од многу други народи за нашата држава и за нашата независност. Нивните животи беа ставени пред олтарот на нашата слобода, голготата низ која одеа беше патеката пред која се поклонуваа и беа почитувани дури и од непријателите и поробителите против кои се бореа. Скапа е цената која Македонците ја платија за својата слобода и затоа сакаат многумина други да ја присвојат и да ја прикажат за своја.
Ова можеме да го видиме и низ делото на Леонид Јанков раководител и војвода на Македонската револуционерна организација, учесник во Илинденското востание.
Откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, војската на поробителот собрала 3000 луѓе и го опколиле просторот околу селото Ѓавато.
Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со голема храброст заедно со неговата чета успеал да нанесе голема штета, и кога му останале само уште два куршуми, со едниот го убил јузбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на непријателот. Леонид влегол во смрт, свесно и со мирна совест затоа што целта била поголема – слободата на Македонија.
Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3000 души од градот Гевгелија и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас. Легендата се создала, херојот му припаѓал на народот. Исто како впрочем и организацијата.
Ова е само мал дел од историските настани врзани за организацијата која го одбележа слободарското движење на Македонците. И оваа организацијата ни припаѓа нам, исто колку и на секој друг Македонец. И навистина со мачнина гледам кога вакво една македонска историска драма од која речиси секој сосед сака да приграби малку, помалку срамежливо се одбележува овој ден од страна на официјалните власти. И тука не се работи за некоја голема промисленост или стратегија, туку ситнодушност која не им дозволува да видат дека ВМРО е на секој Македонец. Секако дека тоа нивно однесување не е репер, затоа што тие и од асномското партизанско движење се откажаа, но во историјата и за нашата нација важно е да се запази историскиот континуитет на нашата борба и лулката на организираната борба која несомнено произлезе од оваа организација. ВМРО секогаш обединувало, леви и десни, сиромашни и богати, интелектуалци, земјоделци, работници. Таа била поголема од секој поединечен интерес. Имала и добри и сурови водачи. Имала и братубиствени борби, но и големи херојски подвизи против поробителите. Таа и тогаш кога делувала жестоко имала за крајна цел слобода на Македонија. И денес никој нема право да става рака и да си присвојува делови од оваа организација прикажувајќи ја за исклучиво своја, особено не некој од соседите, и особено не некој одвнатре да фрла стигми и да развива стереотипи. Чувството кое сакаат денес да го наметнат на мал и обесхрабрен народ, на луѓе кои мора да молат за својата иднина е само сликата со која сакаат да го скршат нашиот непоколеблив дух кој победувал многу поголеми предизвици и се издигал над многу поголеми ужаси.
Ќе прашаат каде се хероите и паметниците на овој народ? На само 50 метри одовде е музејот Музејот на македонската борба за државност и самостојност/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим кој оваа власт го преименува, но тој независно од името во себе ја носи пораката за Македонија и ова историско наследство. Таму меѓу ѕидовите ќе ги најдете Ѓорче Петров, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Александров и мнозина синови на оваа организација кои се историско наследство на нашиот народ. И наместо ова благо каде всушност се наоѓа на едно место духовниот и историски раст на нашиот народ, каде се наоѓа и Декларацијата за независност на Република Македонија да се развива и унапредува, оваа иста власт тотално го заборави, го маргинализира и си поигрува со она што е наследство за секој еден Македонец.
Ако не си ги почитуваме нашите предци, нашето минато и историја тогаш никако не можеме да одиме напред. Кога дојдоа на власт во таа колективна хипноза на уништување и прогон каде се колнеа во слоганот кој не само што не го спроведоа туку и самите си го испоганија, нема правда нема мир, воведоа едно колективно беснило и лудило на деструкција каде мораше да се избрише секоја трага на тоа управување, каде не велам дека немаше пропусти, но имаше премногу добри работи кои се направија и оставија и кои природно му припаѓаат на овој народ и на Македонија.
Денес ќе бевме многу посреќни ако изградеа уште нови театри, музеи, отвореа фабрики наместо еве половина деценија да ни објаснуваат што срушиле и неизградиле.
И не е само таа автодеструкција која боли, туку и молчењето пред претензионистичките изјави со кои удираат по нашите идентитетски основи. Кога од соседите сакаат да ни приграбат се што нам ни е свето, а власта молчи, нека го прочитаат нашиот преродбеник чие спомен обележје е веднаш зад мене. – Ѓорѓија Пулевски пред повеќе од два века напиша – Народ се вељид људи који е од еден род и кои зборувајед еднаков збор, и који живунајед и се другарад еден со други, и који имајед јаднакви обичаји и песни и весеља; тије људите ји викајд народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и место во нивно је Македонија….
Зарем не се херои Гемиџиите чиј споменик е веднаш на 30 метри одовде. Повеќето биле интелектуалци, младинци на возраст од 18 до 22 години го треселе Солун и тогашната Отоманска империја. Зарем пред тоа дело треба да останеме неми или имаме должност да ги продолжиме и негуваме идеалите на организацијата. Организацијата е жива и нејзините цели се живи, а сите ние не само што се поклонуваме на тоа дело туку имаме и обврска да го продолжиме,… за Македонија.
Драги браќа и сестри,
Суштината на денешниот ден е да кажеме дека денес 130 години по формирањето на ВМРО и една таква историска епопеја, мисијата и целите не се до крај завршени. Дел од тие цели како да се брани наследената слобода, да се брани утврдениот идентитет, да се направи отпор против туѓите пропаганди се се уште актуелни и денес. Но воедно имаме и поинакви цели кои мораме да ги спроведеме и изработиме. Нема да создадеме иднина ако не го почитуваме минатото и затоа ВМРО е традиција која обврзува, а ние сме таа генерација која мора да се избори за иднината која доаѓа.
Пред да си ги кажеме решенијата мора да се признае дека состојбата во државата е потполно алармантна и би рекол во многу полиња катаклизмична. И не се само предизвик ударите по идентитетот, туку ударите по џебот на народот и празните стомаци кои ги создаде оваа влада, гладот и сиромаштијата се уште поголема закана за иднината на нашата Македонија.
Во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои ќе живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. Со само 60 денари на ден преживуваат 80 илјади граѓани. Со 150 денари на ден живеат 600 илјади луѓе. Бројката на граѓани кои живеат во умерена сиромаштија се зголемува. Пред неколку години таа бројка била околу 360 илјади луѓе. Погледнете ги семафорите, раскрсниците на булеварите. Нема крстосница каде нечива рака на граѓанин не моли за некој денар. Интернетот, социјалните мрежи се преполни со повици за хуманост, за граѓани кои не можат да си го платат своето или лекувањето на своите најблиски.
Сакам да се осврнам на првната држава и владеењето на правото.
Оваа влада ја елиминира правдата со неправда. Јустиција која е римска божица на правдата и нејзиниот лик често се користи како алегорија или олицетворение на моралните вредности во правниот систем е целосно девастирана. И зариваат нож на правдата иако дојдоа во фотелјите со нема правда нема мир. Кога дојдоа на власт спроведоа широк политички прогон. Тогаш велеа сите во исти кош, сите на обвинителна клупа и со судења кои се закажуваа на секои два дена. Ако некој е член на ВМРО-ДПМНЕ тоа му беше билет за брза трака во судските лавиринти и експресни пресуди. Тогаш судии градеа кариери и ги унапредуваа во повисоки судски истанци, а критериумот беше да направат поголема пакост и прогон кон ВМРО-ДПМНЕ.
Тука ќе се осврнам на оној случај што суите нас не боли. Таков еден судија кој на маката на нашите браќа и сестри на маката на нашите браќа и сестри, бранителите направи кариера, па ја гледаме како се препелка и ја влечкаат од телевизија на телевизија, па сега се опаметила и почнала политички позиции да кажува и ставови. Стана врховен судија. Тука сакам да кажам една работа, таа работа не е завршена, додека постои ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сум претседател не е завршена. Тие луѓе не бараат амнестија, тие не сакаат да бидат во ист кош со убијци, рекетари и криминалци. Тие луѓе бараат правда и веднаш по формирањето на новата влада ВМРО-ДПМНЕ, ќе го покрене прашањето за вистинска правда за нашита бранители, за нашите уставобранители.
Во Македонија нема вистинска одговорност и овие 30 години не одговарал ниту еден бандит кој на грбот на овој народ се збогатил. Одвратно и со мачнина е за гледање сликата со која ја уништуваат правдата, и тоа оние кои скокаа на Ладата и збореа за правда кога беа опозиција. Судиите од тефтерчињата станаа нивни слуги, но само треба да знаат, гледајќи ја нивната лукавост, дека нема во новата влада на доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ да најдат нова прегратка, туку и тие ќе се соочат со правда. Може криво да седат, ама требале право да судат. Срамот и вината за секоја неправда е на оваа власт. И затоа важно е да се бориме за неселективна правда, за вистинска правда која ќе биде за секого. За секој еден човек во Македонија. За правда која ќе го заштити народот од неправда, каде ќе профункционира судството и обвинителството. Каде ќе има страв од казна и законот ќе важи за секого. Член на ВМРО-ДПМНЕ бил или на друга партија ако стори криминал ќе одговара.
Јасно е дека паѓаат. Тие може да водат само на анкета напишана во штабот на СДС инаку каква е вистината тие се под својот минимум како структура. Немаат никаква поддршка, а членството им е разочарано. Но и кога се поразени тие дополнително се валкаат и во срамот уште повеќе заглибуваат. Оваа влада преку одбегнување да се договори датум за избори оди кон свесно предизвикување на уставна и политичка криза. Срамота е што преку медиуми се договараваме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам дека Ковачевски велат никој не го слуша во владата, зошто ниту министрите, ниту вицепремиерите, а ниту кај него во партија му имаат почит. Затоа човекот е оддаден на шетање по светот, ручеци по компании и закуски, но мора да се договори датум за редовни избори. Нека земе бел лист хартија нека напише било кој датум сака помеѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот. Народот треба масовно во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени.
Заветот на организацијата и поинаквите цели кои мора да ги оствариме се да ја кренеме Македонија на здрави нозе.
Теренската акција која ја започнавме „Важно е! Од тебе зависат промените“ треба да испрати порака до секој еден човек дека ако е незадоволен од сегашноста мора да се вклучи и да гласа за својата иднина.
Обновата ќе дојде и промените ќе бидат онолку силни колку ќе биде и поддршката силна. Не сакам да бидам предмет на уцени при создавањето на идната влада и затоа го замолувам секој еден граѓанин да се вклучи и да излезе на следните претседателски и парламентарни избори масовно.
Важно е гласот на секој еден човек да има важност. Лошите политичари се на власт, затоа што тие ја користат неодлучноста на оние кои не гласаат. Воедно народот треба да биде свесен за данајските игри на оние во опозицијата стимулирани од власта да глумат патриоти и да го ситнат отпорот против оваа власт. Нив ќе ги препознаете што имаат по некоја критика за власта, колку реда ради да помислите дека се опозиционери, ама за се друго и по професија и норма се критичари на опозицијата. Со часови навредуваат, плукаат, анализираат луѓе од опозицијата. Неприродно се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ кога ја имаме најнеспособната власт. Тие треба кај народот да внесат сомнеж за опозицијата и со секој нејзин потег и да ве одвратат од гласање. Мојата порака е не им верувајте, внимавајте. Одговорот на ова треба да биде да не пропадне вашиот глас за тие опозиционери и опозиција на опозицијата, туку масовно да се поддржи единствената сила способна и подготвена за промени ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
И додека власта шета низ светот, а дома чмае во удобните канцеларии, јас сум меѓу народот. Ќе ме видите низ градовите, селата, плоштадите, затоа што заедно со народот ќе ги донесеме промените. А по секоја промена мора да има решение.
Важно е да направиме промена.
Важно е да создадеме вредности и систем на делување. Важно е професорите да бидат вистински вреднувани, а младите да си ги вратиме во нашата земја. Младите мора да ја добијат шансата која ја заслужуваат. Важно е пензионерите да ја имаат заслужената мирна и достоинствена старост. Работниците да имаат повисоки плати, а да се развива и домашната економија преку нови домашни и странски инвестиции.
Важно е спортистите да ги бодриме и поддржуваме. Важно е луѓето со попречености да ја имаат сета нега и грижа од системот, болните од ретки болести да добијат навремена терапија. Важно е да имаме здравство кое лечи и систем кој функционира. Важно е земјоделците да ги хранат македонските граѓани. Да имаме задоволни стопанственици на кои им се отвораат можности. Силна економија за силна држава. Важно е медиумите да се слободни. Новинарите да се слободни и независни, со добри плати и услови за работа.
Но исто така многу Важно е да си ја вратиме и гордоста. Да имаме надворешна политика која создава мостови. Камениот мост овде седи со векови и потсетува на обединувањето на левиот и десниот брег на Вардар. Луѓето пред стотици години создавале мостови, а оваа власт не може да изгради ниту една силна поддршка или да се избори за сојужништво кое ќе донесе резултати.
Важно е да влеземе во ЕУ, но и важно е ЕУ да разбере дека Македонија предолго е пред портите на истата таа ЕУ и дека тоа со право создава мачнина и чувство на неправда кон македонските граѓани. Важно е да бидеме почитувани такви какви што сме и тие кои што сме. Македонци од Македонија. Важно е да си подадеме рака со нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите останати и да ги премостиме сите наши разлики.
Важно е да се обединиме сите кои ги имаме истите маки и истите предизвици. Плачот на секоја мајка чие чедо ја напушта е еднаква болка и тага. Радоста кога ќе создадеме можности тие да се вратат исто така ќе биде подеднаква и важна.
ВАЖНО Е да победи надежта, да се гради иднина. МАКЕДОНИЈА да застане на нозе. Да изгрее сонцето на слободата, да ја кренеме главата, да дојде почетокот на обновата во која веруваме и за која се бориме.
Ова се мигови на пресвртница, на колективно рестартиње на деградираното општество и на враќање на вредностите во кои веруваме.
Лошите политичари не се и не смеат да бидат посилни од добриот и напатен народ.
Се бориме за достоинство среќа и иднина!
За нашата горда и просперитетна Македонија.
За генерациите што немаа можност да се изборат, а оставија завет, но и за генерациите што доаѓаат.
За среќен народ!
За иднина во која веруваме и заедно, само заедно, само заедно ќе победиме.
Затоа, ВАЖНО Е.
Вечна да е организацијата
Да живее ВМРО-ДПМНЕ
Да е вечна Македонија
Comments are closed for this post.