Поради неисполнувањето на договорот за набавка на воено-теренската униформа од страна на фирмата која беше избрана во јавна и транспарентна постапка, Министерството денеска го раскина овој договор, а согласно постапката, ќе ја активира и банкарската гаранција.

Министерството за одбрана никогаш нема да отстапи од намерата секој припадник на Армијата да добие униформа со врвен квалитет, без компромиси и калкулации.

Причина за раскинување на договорот е што во рок од 50 дена за доставување на мостри, согласно договорот за набавка на 14.000 комплети воено-теренска униформа, фирмата не достави комплетни мостри и соодветни сертификати, и истото не го стори ниту по дополнителниот рок од 15 дена кој е пропишан со договорот.

Посочуваме дека во следните неколку денови, целосната постапка ќе биде повторена и припадниците на Армијата ќе добијат нови униформи. Ги повикуваме заинтересираните компании да се пријават само доколку можат да го испорачаат квалитетот кој го бараме во спецификацијата на тендерската документација. Информираме дека фирмата која во првиот тендер не го испочитува договорот, нема да може да учествува во повторената постапка, согласно Законот за јавни набавки.