Министерот за култура, Асаф Адеми, не гледа или не сака да види говор на омраза во клипот „за балистите“, но сепак ќе испрати инспекциски надзор за реализацијата на проектот, што од Минисерството добило 150.000 денари.

Клипот ги зовре социјалните мрежи, предизвикувајќи и меѓуетнички тензии. Зашто, колку и да сака авторот да му даде некој „проевропски шмек“, сепак со содржината на текстот, а посебно со една навивачка порака се постигнува сосема спротивен ефект. „Тие се канцерот на Европа-…“ е содржината, што Македонците може да ја сфатат или ги прави „канцероген“ европски елемент! Згора, меѓу другото, уште се вели дека „балистите“ се повеќе од навивачка група и спорт и оти станува збор за идентитет и за гордост!

Очигледно беше дека министерот на вчерашната средба со новинарите, на која даде резиме за реализацијата на програмата за годинава и најави дел од проектите за идната година, беше подготвен за прашања околу видео-клипот. Зашто, напишаниот одговор веќе го имаше в раце, а од новинарите дури побара да бидат коректни при поставувањето прашања.

Во апликацијата, што беше доставена до Министерството за култура за проектот „Запознајте ја Македонија“ од лицето Фатон Ислами беше наведено дека во три различни градови-Тетово, Кратово и Кичево, преку снимени и видео материјали ќе се промовираат некои особености и автентичноста од култриното живеење во овие градови. Ниту во доставената апликација, ниту во описот на проектот, ниту, пак, во видеото што го погледнав, нема говор на омраза, ниту, пак, повикување на насилство, рече Адеми.

На новинарска забелешка дека има парола со споменатата содржина, министерот одговори:

Нема такво нешто, јас го погледнав видеото. Ако има, тогаш инспекцијата ќе оди и ќе преземе конкретни активности.

Навистина чудно како министерот не ја видел паролата кога таа боде очи. Уште почудно е, зашто истиот министер, само врз основа на виден трејлер, го анатемиса филмот на Јани Бојаџи, „Ругање со Христос“ како националистички памфлет, иако за такво нешто не можеше да стане ни збор.

На прашањето дали Министерството се оградува од содржината на видео-клипот, министерот дециден:

Не можеме ние како Министерство да дозволиме да се промовираат такви проекти.

Министерот гледал, ама изгледа со розови очила, зашто се огради и од прашањето каков идентитет се промовира во видео-клипот и ги упати новинарите да го прашуваат авторот! А, ако имало таков збор, тој не бил споменат во апликацијата за проектот, ниту пак во описот било споменато дека авторот ќе ги интервјуира „балистите“.

Ова, пак, говори дека Министерството не ги прегледува реализираните проекти пред тие да бидат објавени, било да станува збор и за социјалните мрежи.