Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски му одговори и го демантираше почесниот конзул на Република Белорусија кој претходно преку соопштение го обвини Милошоски дека шири лажни вести.

Милошоски во демантот му го препраќа на конзулот прашањето што му го поставил на премиерот Заев на вчерашната собраниска седница со објаснување дека информацијата била пренесена од неколку медиуми, па легитимно е пратеник да го постави тоа прашање.

„Почитуван почесен конзул на Белорусија, г-н Борче Марковски (сопственик на “Марковски Компани” од Битола),

во прилог ви го доставувам линкот од настапот во Собранието во кој можете да го чуете моето прашање до Премиерот, а тоа е дали се точни информациите и наводите што ги пренесуваат медиумите дека на бизнисмен кој што добил тендер во РЕК Битола му бил побаран рекет од 250.000€. Доколку внимателно сте ја следеле седницата и сте ги следеле вестите пред почетокот на седницата тој ден, сигурно сте имале можност да забележите дека таквите наводи и информации беа пренесени од најмалку 5 медиуми, и е сосема легитимно за секој пратеник до Владата да постави прашање од јавен интерес дали тие медиумски наводи за барање на рекет на фирмите кои работат во РЕК Битола се точни. 


Сепак, Вие сте одлучиле со известување во име на почесниот конзулат, без претходно да побарате информација од мене, без претходно јавно да реагирате до медиумите кои пренеле наводи за барање на рекет на фирми во РЕК Битола како тема од јавен интерес, да тврдите дека “од страна на пратеник се извадени лажни вести”, што не одговара на вистината и го сметам за навреда и клевета со која се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на моите обврски како пратеник. Дали Вие ќе полемизирате или ќе ги демантирате медиумите кои дојавуваат дека на приватни фирми им се бара рекет за тендери, не Ви се мешам, тоа е Ваша лична одлука и како почесен конзул, и како стопанственик “Марковски Компани”. Повеќе детали и објаснување на оваа тема ќе добиете на вашата официјална e-mail адреса од страна на мојот адвокат.
Во меѓувреме, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, барам од Вас јавно повлекување на изјавата изнесена во известувањето од почесниот конзулат на Белорусија и јавно извинување во предвидениот законски рок од 48 часа. Согласно законот Ви предлагам повлекувањето на изјавата да го објавите извинувањето на ист начин и преку истите медиуми до кои сте го дистрибуирање Вашето известување од 26.07.2019 година. Во спротивно ќе ги превземам преостанатите законски можности за заштита на угледот како пратеник при вршењето на мојата службена должност да поставувам прашања за теми од јавен интерес, како што се корупцијата и барањето на рекет од фирми“, стои во демантот од Милошоски кој го сподели на социјалните мрежи.