Предметот „Империја“ на СЈО може да прерасне во обвинение само доколку продолжи да го работи друго јавно обвинителство, вели адвокатот Еленко Миланов. Според него, тоа може да се случи доколку опозицијата и власта се договорат за нов Закон за јавно обвинителство, со што би се овозможило продолжување на истрагите на СЈО.

„Империја“ немаше шанси да продолжи по мислењето на Врховниот суд. Предметот во оваа фаза е пропаднат. Може само ново обвинителство со нова постапка што ќе ја отвори да продолжи со истрагата. И без ова што се случи вчера „Империја“ немаше можност да продолжи пред ова обвинителство, изјави Миланов.

Миланов посочува дека истрагата за „рекет“ не може суштински да му наштети на предметот „Империја“, бидејќи беше урнисан по начелното мислење на Врховниот суд.

Од Јавното обвинителство вчера посочија дека од осомничениот во „Империја“ бил баран поткуп во износ од 8 милиони евра за СЈО да ја стопира постапката против него, или 5 милиони евра за постапката да биде олеснета.

Во предметот „Империја“ се водеше истрага против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Осомничените се товарат дека кривичните дела ги сториле во периодот од 2002 година до 2013 година.