Го немало, ама не бегал, туку најверојатно бил во објектите блиски до куќата, сопственост на фирмата Ексико, во која Сашо Мијалков живеел.

Ова се клучните наоди на обвинителската предистрага за дводневното исчезнување на поранешниот директор на УБК кого за во притвор го бараше целата полиција, а беше распишана и меѓународна потерница.

Како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение. Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот, до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти – се наведува во соопштение на јавно обвинителство.

Обвинителката Ленче Ристовска, која ја водеше предистрагата не нашла докази дека некој му дојавил што се подготвува, што значи дека за никого нема кривичен прогон и одговорност.

Не е расветлено како бегалецот успеал да ја избегне полициската потера и од Водно да се спушти до комплексот судови.

Иако обвинетиот бил недостапен на органите за прогон, сепак, самиот доброволно се пријавил. Со тоа отпаднал кривично правниот елемент на кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување или несовесно работење во службата – се вели во соопштението.

По неуспешното криење, Мијалков замина во Шутка на 23 февруари и се уште е таму иако понуди околу 11 милиони евра гаранција во имот за да излезе од затворски притвор. Во меѓувреме доби две затворски пресуди за предметите Тврдина-Таргет и Трезор во вкупна висина од 20 години.