Обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков на денешното рочиште за случајот ,,Таргет-Тврдина” остро реагираше на одговорите на сведокот велејќи дека е контрадикторен и во однос на исказите од претходните рочишта, како и дека не одговара на прашањата, туку ,,раскажува приказни”.

Тензијата настана откако судот и обвинителството приговараа на начинот на кој Мијалков го испрашува сведокот Сашо Трајковски.

Ова што се случува во судницата не е фер. Кажете ако не да не се браниме, донесете пресуда и готово”, им се обрати Мијалков на судиите од Судечкиот совет.

По неколкуте одбиени прашања, Мијалков од страна на Судечкиот совет беше советуван да ги преформулира истите за да бидат дозволени.

Според обвининието од СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Судењето „Тврдина-Таргет“ на СЈО, продолжи денеска во скопскиот Кривичен суд. Обвинетиот Сашо Мијалков поставуваше вкрстени прашања кон сведокот Сашо Трајковски, тогашен началник во оперативната техника во УБК, кај што се вршело прислушувањето.

Мијалков го праша инжинерот Трајковски како знаел дека телефонските броеви што се прислушувале биле именувани со псевдоними.

Бидејќи имаше пријава за дефект, го рестартирав софтверот на системот за прислушување и кликнав лог „Лијаве“. Тогаш од другата страна, соговорник, кој не беше таргет, кажа: „Добро утро господине Рамковски‘“, одговори Трајковски.

Потоа Мијалков праша:Од 20.000 таргетирани броеви баш на Велија и на новинари налетавте“.

На ова Трајковски одговори: „Имињата им беа со сменети слогови, затоа на некои се сеќавам, на некои не“.

Мијалков го праша сведокот зошто при вакви проблеми во системот не ги употребувал броевите наменети за тестирање? Сведокот Трајковски рече дека така немало да открие дека нелегално се прислушува.

Тогаш Мијалков го праша зошто не пријавил кога дознал дека нелегално се прислушува? Сведокот пак рече дека не се осмелил да пријави кај него. Тој појасни дека нелегалните таргети кои биле ставени под „важно“, оделе во компјутерот во неговата канцеларија.

Два месеца по објавувањето на бомбите од страна на лидерот на тогашниот опозициски СДСМ бил исклучен од употреба „најс“ системот во МВР. И претходниот „веринт“ системот и „најс“ системот по наредба на началникот на Петтата управа Горан Грујевски кој е обвинет во „Тврдина-Таргет“ и е во бегство, тој ги подготвувал да се уништат.