Не запира самоволието на власта и злоупотребите на функциите и парите од граѓаните преку кумулација на функции, односно противзаконско вршење на повеќе избрани или именувани функции од исти личности, рече денес на прес-конференција Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој обелодени случај со Ташко Дојчинов кој е избран за претседател на Советот на Општина Гевгелија, претседава со Советот на таа општина од октомври 2017 година, а од октомври 2018 година, една година подоцна истовремено додека е функционер во Гевгелија, од Собранието на Република Македонија е и именуван за член на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Станува збор за кумулација на две функции, едната е избрана, а втората е именувана, што е спротивно на законот, а трае подолго време, Дојчинов ги ужива бенефитите од двете функции. За жал, иако темата постоеше во јавноста, Антикорупциската комисија не реагираше. Но, не реагираше ниту Дојчинов, кој што е свесен дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупцијата не смеел да биде именуван на втора функција. Тоа претпоставува негова умисла за тоа што во периодот од октомври лани до мај годинава противправно се стекнал со околу 900.000 денари. Овие најмалку 900.000 денари до мај годината, се пари кои што ги добивал по основ на бруто плата, но и закупнина за стан и трошоци во Скопје. Со тоа постојат услови за кривична одговорност и можност за враќање на парите во државниот буџет“, рече Стоилковски.

Тој додаде дека бидејќи антикорупциската комисија сама не постапувала по допрен глас, сега имаат претставка од ВМРО-ДПМНЕ со која бараме да се утврди недозволена кумулација на функции и веднаш да биде повлечен членот на второстепената Комисија за одлучување во управна постапка.

Но, бараме и сите парични средства што ги има примено додека противправно извршувал две функции, 900.000 денари се само до мај, а се уште е така, Ташко Дојчинов ги врати во буџетот“, подвлече Стоилковски.