Христијан Мицкоски денеска од Скопје оди за Будимпешта на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а потоа во Љубљана и во Загреб

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски од денеска заминуваат во мини – дипломатска офанзива кај сестринските партии во регионот и во Европа.

Како што најавија вчера од партијата, Мицкоски од Скопје оди во Будимпешта на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, по што следи Љубљана и Загреб.

Во интервју за Дојче веле, Мицкоски вели дека секоја средба има своја цел, но заедничко е тоа што на овие средби отворено ќе разговараат за блокираната европска перспектива на Македонија и можноста тие да помогнат за придвижување кон европската иднина.

Независно што ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, сметам дека треба да се искористи сиот расположлив потенцијал да се направи своевиден притисок и да се придвижиме кон патот на ЕУ. Имаме две опции – или да се задушиме во домашни обвинувања за тоа кој шири лажни вести, а кој ја говори вистината, па да се спроведува операција со која ќе се сака да се прикрие анексот на Договор за кој јавно говори Бугарија, а гледаме дека власта во Македонија моли Бога да не се дознае. Втората опција е да не чекаме, да тропнеме на вратите кои можеме да ги отвориме, и да побараме поддршка за она што е заедничка стратегиска цел, а тоа е одблокирање на патот кон ЕУ“, рече Мицкоски.

 

Како што вели во интервјуто Мицкоски, целта на средбите е да ги потврди добрите односи и соработката на ВМРО-ДПМНЕ со сестринските партии и поддршката која меѓусебно си ја даваат.