Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предлогот на Макрон за формирање на нова унија која ќе биде замена на ЕУ рече дека за ВМРО-ДПМНЕ нема замена за полноправното членство на Македонија во ЕУ и каква егзибиција како што е изјава на Владата не е решение.

Тој додаде дека вистинското решение според него е Брисел, ЕУ и политичарите таму да се обединат и да ѝ го испорачаат на Македонија тоа што ѝ е ветувано и конечно да добие датум за почеток на преговорите.

„Ценам дека тоа не е вистинско решение и дека тоа што ѝ е ветувано на Македонија треба конечно Брисел, ЕУ и политичарите таму да го испорачаат, односно конечно сега на овој јунски состанок на Европскиот совет да се обединат исто како што се обединија околу случувањата во Украина и руската агресија, да се обединат овој пат околу Македонија и бугарската агресија и конечно на Македонија да и се даде датум за да ги почне преговорите. Потоа нормално како ние понатаму и колку бргу ќе го одиме тој пат зависи од нас и од нашите компетенции, од нашите вештини и од нашата амбиција колку побргу да го изодиме тој пат. Така што за мене замена за членство во ЕУ не постои“ истакна Мицкоски.