Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти дека со своето семејство разговарал за можноста тој да биде приведен во серијата политички апсења што ги спроведува власта. Во интервју за телевизијата „Алфа“, Мицкоски потенцира дека никој не може да знае точно колку ќе траат апсењата на видни членови на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој нема да биде изненаден доколку и нему полицијата му дојде на врата.

Во самата кампања за претседателските избори претседателскиот канидат и претседателот на партијата на власт воедно и премиер наместо да се фалат со проекти, се фалеа со 750 пројави против членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш стана јасно дека е точно она што го зборевме целиот период дека Зоран Заев и групата околу него целосно го имаат покриено судството и обвинителството – изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, случувањата по изборите докажале дека индициите на ВМРО-ДПМНЕ се исправни и тој не очекува да запрат политичките судски процеси.

Нема да запрат тука, затоа што се свесни дека ја губат довербата од народот, свесни се дека немаат проекти, стратегија, визија… и единствениот начин е, како што теоретски си го замислиле тоа, да вршат притисок врз политичките неистомисленици во опозицијата и да втеруваат страв кај граѓаните – смета Мицкоски.

Лидерот на опозицијата потсети на последниот монтиран случај во кој се приведени член на Извршниот комитет на партијата, Димитар Димовски и членот на партискиот Централен комитет и претседател на ОК Аеродром, Дејан Митревски.

Обвинението е покренато од обвинител-сестра на поранешен претседател на Социјалдемократската младина и од она што дента се случувало во судот, сфаќам со колкава жестина сакаат да атакуваат врз ВМРО-ДПМНЕ и да ја задушат слободната мисла, изјави Мицкоски.

Истовремено, Мицкоски повика на смиреност и трпение на членовите на партијата коишто сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо во врска со политичките прогони на членови на партијата.

Ние не смееме да влечеме политички потези под дејство на емоции. Јас избрав победа во тежок маратон наместо спринтерски пораз. Лично мислам дека дел од тие сценарија ќе биде и проведување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на блиските соработници. Апелирам до граѓаните и до луѓето што ќе останат да се борат да не носат одлуки под емоции. Имам разработено јасен план. Свесен сум дека може и до тоа да дојде, сум разговарал и со моето семејство дека од Зоран Заев и од тие околу него може се да се очекува, па и да дојдат да ме приведат. Апел и до луѓето од една специјална единица од МВР кои деновиве се врткаат околу мојата куќа, наводно го набљудуваат школкскиот двор во близина, јас сум подготвен и нема дилема дека знам која е целта на оваа власт – потенцира Мицкоски.

Тој повика на разум наместо емоција, зашто, како што рече, на Македонија и е потребен крај на владеењето на Зоран Заев и СДСМ, а не брз спринтерски пораз како резултат на емотивна реакција.

Што и да се случи, јас сум подготвен како човек, како претседател на опозицијата, но истовремено апелирам за рационални решенија кои ќе доведат до голем пораз на оваа власт на чело со Зоран Заев и СДСМ – смета Мицкоски.