Денеска практично формално ја отпочнуваме иницијативата со која што ќе го доставиме и законот во рамките на Собранието до спикерот на парламентот, со кој што ќе побараме да биде укинат Законот за попис кој што беше донесен без консензус и без, би рекол, елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија кога, за жал, властите не успеваат да се снајдат со истата, а Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, како сакате наречете го тоа, по бројот на лицата кои што се инфицирани и по бројот на луѓето, кои што, за жал, го загубија животот поради неспособноста на власта.

Ова го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при поднесувањето на иницијативата за собирање потписи за укинување на штотуку усвоениот Закон за попис. Мицкоски уште еднаш потврди дека сме сведоци на тоа оти голем број држави од соседството, регионот и Европа одлучија да ги одложат планираното спроведување на пописот за наесен годинава или за наредната година, само поради заштита на здравјето на сопственото население.

-Бидејќи кај нас пописот е невозможно да се случи есента 2021 година поради локалните избори и кампањата која што тогаш ќе се случува, апелираме до владата на разум, апелираме до Собранието на разум да се грижат за здравјето на граѓаните и да го одложат пописот за пролета 2022 година. Ништо нема да промени доколку неколку месеци пописот биде одложен, наместо овој кој што е планиран во април 2021 година, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека се уше не се одредени ниту обучувачите, ниту, пак, пописните тимови, имајќи ги предвид пандемските услови во кои што државата се наоѓа. Според Мицкоски, невозможно е истите да бидат обучени, а притоа практично да биде заштитено здравјето на тие луѓе.

-Да потсетам, станува збор за илјадници наши сограѓани, чие што здравје Владата директно го изложува и ги загрозува нивните животи, изјави Мицкоски, додавајќи дека во државата се уште нема вакцини и прашање е кога, воопшто, ќе почне процесот на вакцинација.

Доколку не постои разум кај Владата пописот да биде одложен за 2022 година, Мицкоски повторно апелираше да биде прифатен предлогот на опозицијата за спроведување електронски попис. Притоа потсети дека уште од 2015 година поддржано од страна Европската унија и Европската комисија, Министерството за информатичко општество и администрација има услови да ги подготви базите на податоци за спроведување на електронски попис, проект кој што заврши 2018, 2019 година.

-Разбирам дека сакате на вашите активисти, и активистите на ДУИ и СДСМ, да им дадете определена дневница за да бидат мотивирани, бидејќи се крајно демотивирани да работат на локалните избори. Но, верувајте, здравјето на граѓаните и човечките животи немаат цена. Не смееме да газиме преку живи луѓе. Оставете ја оваа статистичка операција за пролета 2022 година или еве еднашка охрабрете се, направете електронски попис по теркот на државите од Европската унија. Тоа ќе значи дека граѓаните ќе имаат доверба во таа статистичка операција, нема да зависиме од политичкиот двоен потпис и на крајот на денот ќе можеме пристојно да си ја развиваме нашата Македонија, изјави Мицкоски.