Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува дека ќе почне собирањето пратенички и граѓански потписи за „отпис“ на донесениот закон за попис, пренесе Дојче Веле.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема со скрстени раце да го дочека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, откако и претседателот на државата, Стево Пендаровски, вчера го потпиша Указот за прогласување на тој Закон, по извршени консултации со правни експерти.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат со потегот на претседателот и велат дека ќе започнат со најавеното собирање потписи за носење на нов закон за пописсо кој ќе се укине сегашниот. Незадоволни се, бидејќи власта не прифати ниту еден амандман на опозицијата, не прифати да се воведат терминали за отисок на прст, ниту да се одложи пописот поради епидемиолошката состојба.

„Очекувано беше Пендаровски да не се одважи и наместо да застане на страната на граѓаните, застана на страна на одбрана на интересите на Зоран Заев“, вели за ДВ претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

„Пописот стана игра на проценти, наместо статистичка операција. Срамно е нивото на заплашување и невистини кои се шират кон овој политички попис. Ќе почекаме да се објави законот во ‘Службен весник’, веднаш потоа ќе се соберат и пратенички потписи, а паралелно од крајот на оваа или од почетокот на идната недела, ќе започнеме со собирање на граѓански потписи низ подрачните единици на Министерството за правда, за носење на нов закон со кој ќе се укине законот со кој се отвора патот за фалсификат и политички попис. Ќе ги повикаме граѓаните масовно да се потпишат на нашиот предлог за укинување на таквиот закон. Се надевам дека нема да се случи Владата да одлучи да го игнорира гласот на граѓаните. А, ако така постапат, тоа ќе биде јасен доказ дека тие постојат за заштита на своите и лични интереси, наместо оние на народот и државата“, порачува Мицкоски.