Во интервјуто за Нетпрес“ Мицкоски одоговара на повеќе тему поврзани со евроинтеграцијата на земјата, блокадата од Бугарија,состојбите во судството.
Македонија полноправна членка на НАТО, што според Вас се смени на подобро, а што на полошо во земјава?
Мицкоски: Па, нам ни се смени името Македонија, за да станеме членка на НАТО, што предизвика голема фрустрација кај граѓаните и ги разгневи. Да не беше договарањето на институтот пратеник и парламент, да не беше Зоран Заев и институтот амнестија, тогаш, можеби, немаше на насилен пат да се смени името Македонија и ние повторно ќе бевме членка на НАТО. Но, тоа е што е, тоа е Заев. Треба да се бориме да ги исправиме грешките на Зоран Заев, историските грешки. Тоа се историски грешки. Тој самиот посебе е историска грешка. Тргнете од „Глобал“, кој што беше во пламените јазици, пренесети ги тие 13 години за Македонија. Поминаа четири години, ако на овој човек му се даде ден повеќе да раководи со Владата, Македонија ќе отиде во пламени јазици како што отиде „Глобал“.
Засега се чини дека Бугарија нема да отстапи од сегашните условувања за деблокирање на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Ако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, како би го решавале овој спор?
Мицкоски: Мислам дека употребната вредност на договорот којшто е потпишан за добрососедство, полека но сигурно минува. Затоа што, и тогаш алармиравме и сега алармираме, дека на таков акробатски, циркузантски начин потпишан договор во којшто Комисијата за историја, практично, и компромисот со историските настани се критериум за напредок во Европската унија и не гарантира членство во Европската унија. И, еве, се потврди, неколку години потоа дека сме биле во право. Навистина тоа било така. Така што, и сам посебе мислам дека тој договор има рок на важење од една година.
Доколку политичарите кај нашиот источен сосед продолжат со негирање на македонската посебност, јазик, традиција, обичаи, историја, култура и т.н., тогаш навистина не гледаме која е додадената вредност на тој договор. Затоа што тој договор, практично, нема повеќе употребна верност и мислам дека треба да седнеме и да разговараме за нов договор, во кој прв приоритет ќе бидат работите коишто ќе нѐ зближуваат, а не работите коишто ќе нѐ раздвојуваат. И тоа е практично, една од основните премиси на Аденауер и Шуман, кога ја создавале во тоа време Европската економска заедница. Практично, ние треба да зборуваме за она коешто нѐ спојува, за она за коешто можеме заеднички да разговараме и да напредуваме, а не за она коешто нѐ оддалечува. И тоа е единствениот пат, жесток би рекол притисок од Брисел кон овие неразумни, големодржавни, хегемонистички барања од нашиот источен сосед и тоа е начинот за да ние можеме да напредуваме и да докажеме дека сме дел од тоа европско семејство. Во спротивност, овој преседан може да прерасне во традиција и да се пренесе потоа, би рекол да метастазира, во рамките на целата Европска Унија и да преставува еден сериозен проблем за сите држави. Не само за оние земји аспиранти, туку и за земјите членки внатре во Европската унија.
Во контексот на сегашните односи со Бугарија, како ги оценувате односите на Македонија со соседните земји во редионот?
Мицкоски: Сметам дека односите на Македонија со соседните земји во регионот се коректни. Коректни, не затоа што Владата така направи клима и амбиент, туку едноставно, ние сме најмал народ и логично е да градиме мостови, наместо да ги уриваме, и тоа е еднинствениот начин на добрососедска, пријателска политика. И ценам дека во моментов имаме одлични односи со сите соседи и така треба да продолжиме и да ги надградуваме тие односи. Но, не само со соседите, генерално и со нашите сојузници со коишто претендираме да бидеме во исто семејство и да седнеме на иста маса. Ние треба умно и со стратегија да напредуваме ако сакаме да успееме. Ако не сакаме да успееме, тогаш доволен е Заев уште некоја година и тогаш сигурно повторно ќе ве потсетам на пламените јазици во „Глобал“, ќе ни се случи во Македонија.
Дали, според Вас, во ЕУ во моментов постои искрено расположение за проширување кон Западен Балкан, или можеби станува збор за зголемен притисок врз земјите претенденти од регионот првенствено да ја завршат „домашната задача“?
Мицкоски: Па, доколку постоеше, мислам дека ќе ја притиснеа Бугарија и ќе дозволеа да има датум за меѓувладина конференција, односно да се случи таа меѓувладина во октомври. Мислам дека во овој момент евроскептицизмот, некако се поставува како еден вид кочница и бариера за да се даде дополнителен притисок за да може ова да се случи.
Исто така, многу можно е и дека се во право некои кога велат дека станува збор за можен притисок врз земјите аспиранти за членство од регионот, да ги завршат оние свои домашни задачи. Голем дел од државите од регионот сѐ уште ја немаат завршено домашната задача, но исто така, пак, ако ова ниво на коешто сега е Македонија, не заради Зоран Заев, туку заради реформите коишто се направени во минатото, го споредиме со нивото на некои земји членки на Европската унија, кога биле кандидати и кога преговарале, можам да кажам дека е во многу подобра позиција. Имаме земји членки, коишто денес се дел од Европската унија, па ги немаат спроведено тие реформи.
Какви се потенцијалите на актуелната македонска владејачка гарнитура да одговори на условите коишто ги поставува Брисел?
Мицкоски: Мислам дека тие не само што немаат потенцијал, туку ценам дека делуваат изгубени. Во една прилика не знав дали е сон или јаве кога прочитав дека планираат да ангажираат професионални преговарачи, платени преговарачи од земји членки на Европската Унија, коишто ќе преговараат заедно со тимови од наши институции со Европската комисија. Но, потоа ја прочитав веста уште еднаш, двапати и сфатив дека не е сон, туку дека е навистина јаве.
Колку и како ВМРО-ДПМНЕ како опозиција може да придонесе во процесот на европските интеграции?
Мицкоски: Ја гледам ВМРО-ДПМНЕ како идна влада кој ќе го отвори тој процес и тогаш сум уверен на брза лента, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и како партија, но и како структура и како политика, би рекол, може да организира сериозна група интелектуалци, не само во Македонија туку и надвор, коишто практично можат овој процес да го изведат онака, токму на брза лента. И ценам дека, ако се споредуваат капацитетите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тогаш далеку, далеку се поголеми на ВМРО-ДПМНЕ од оние кои ги поседува СДСМ. Така што, би рекол, дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ може многу брзо да го изоди овој пат. Не го зборувам ова субјективно, туку силно верувам во тоа што го зборувам.
Го спомнавте правосудството. Изминативе години бевме сведоци на бројни судски процеси, кои Вашата партија и добар дел од јавноста ги оцени како скандалозни, како на пример случаите „Рекет“ и „27-ми април“… Дали од позиција на власт би направиле ревизија на овие случаи?
Мицкоски: Видете, ревидирање на судски процеси самото посебе е скандалозно, затоа што ние имаме тростепен судски систем.
Основен, Апелација и Врховен суд. Немаме четворостепен, па да бидат политичките партии и парламентот, тие што ќе го ревидираат сето тоа. Се поставува прашањето кои судски одлуки ќе ги ревидирате? Ако, во прв степен е донесена некаква одлука, таа се ревидира во втор степен или онаму каде што има можности и во трет степен. Но, кога како политичар ќе се обратите со ваков речник и ќе кажете ќе ги ревидираме судските одлуки тоа во суштина значи – „Ќе ме запаметите вие јас кога ќе победам што ќе ви направам“. Тоа е директна закана кон судството. Зошто ние тогаш имаме тростепен судски систем?
Но тоа не е суштинскиот проблем. Проблемот е кога ќе ви спомнат Зоран Заев или Бојан Маричиќ реформи во судство, тоа значи бркање на неподобните судии и практично експонирање или унапредување на оние коишто му слугуваат на Зоран Заев. Тоа е скандалозно, само посебе тоа е закана и зошто е таа закана самата посебе скандалозна? Затоа што, целокупниот процес е започнат уште при формирање на онаа „длабока држава“ во судството во 1995/96 година, во едноумие кога поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од парламентот како и целата опозиција, тогашната власт практично во еден ден избра 500-ни обвинители и судии. Е, сега 25 години потоа нивните синови и деца треба да направат еден вид освежување на таа „длабока држава“ во судството, и повторно судството да остане под влијание и заробено од страна на истите политичари и истите политички елити коишто се сеприсутни во овој период, а се дел од СДСМ. Тоа е суштината, кога ќе ви зборуваат Зоран Заев и Бојан Маричиќ дека ќе правиме реформи во судството. Тоа значи освежување на таа „длабока држава“ во судството кое што претходно беше етаблирано во 95/96-тата година.
Како се станува судија, треба да знаат граѓаните. Имаме Академија за судии исто како што имаме и Академија за обвинители, којашто ја води Наташа Габер, поранешен Уставен судија предложена од СДСМ. И Наташа Габер филтрира и одлучува кои судии натаму ќе му бидат предложени на Советот на судии. Советот на судии го сочинуваат судии коишто се жестоко притиснати од страна на СДСМ и каде што главен збор го имаат двата предлога на Стево Пендаровски од коишто едниот предлог знаете на социјалните медиуми го има како вее знамиња на СДСМ по митинзите. Тие се тие коишто одлучуваат денеска кој ќе биде примен како нов судија, кој ќе биде унапреден како судија. И нормално главниот критериум кој подлабоко ќе им се покори на Зоран Заев и Бојан Маричиќ. Сѐ додека на тој начин функционира судството во Македонија ние нема да имаме владеење на правото, ние нема да имаме правда во оваа држава. И не само во судството, и на тој начин слично функционира и обвинителството. Се додека вака клиентилистички и на колена седат и коленичат пред кабинетот на Зоран Заев, оние коишто утре претендираат да бидат судии ние нема да имаме верба во судството и во обивинителството, нема да имаме владеење на правото.
Не смее ниту да спомене некој дека денес се обидува да прави реформи во правосудството. Не смее никој ниту да се осмели да каже дека денес имаме во Македонија владеење на правото. Прво, треба да откријат што се случувало во оние незаконски стекнати материјали коишто самиот Оливер Спасовски најави дека ќе има детална истрага, а каде што биле снимани обвинители и судии. И второ, доволно беше да се следи седницата од пред некој ден во парламентот на пратенички прашања каде што еден пратеник го обвини премиерот дека извршил кривично дело поткуп на пратеници. Зоран Заев му одговори на тој пратеник дека тоа не е точно, и дека ако овој поседува докази да ги објави веднаш. Овој пратеник му одговори на Зоран Заев дека поседува докази, но истите нема да ги објави бидејќи не верува на ова обвинителство и судство. Стори притоа второ кривично дело прикривање на докази при сторено кривично дело. Понатаму продолжи Зоран Заев да го обвинува во реторичка форма, дека го помогнал во кампања со ресурски средства сѐ со цел да му нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, со што алудираше на сторено кривично дело незаконско финансирање на политичка партија при изборна кампања. А, таквата помош не ја видовме во листот на завршниот извештај на таа политичка партија од предвремените парламентарни избори 2020 година. Ниту еден обвинител не го повика ниту едниот, ниту другиот, без разлика што е тоа кажано од собраниска говорница. Тоа се индиции. Ако има докази едниот, треба да ги приложи тие докази за сторено кривично дело поткуп на пратеници, а вториот да докаже, да покаже со какви ресурси го помагале овој. Сѐ додека овој случај нема разрешница, не меѓународната заедница, кој сака нека дојде, не смее ниту да спомене за владеењето на правото. Лесно се обвинуваат луѓе кои украле 10 кебапчиња, затоа што нема кој да ги заштити. Овие ја покрадоа и опљачкаа Македонија, ја излажаа Македонија и го изневерија македонскиот народ и се слободни и позади себе заведуваат маса.
Затоа, или ќе има правда за сите или ние ќе станеме анархија. За жал, ние со СДСМ и Заев полека, но сигурно се движиме кон анархија. Затоа се потребни промени, потребна е правна држава и да го промениме моделот на избор на судии и на обвинители. Никој не смее да им се заканува. Професионални луѓе, компентентно да си ја вршат работата. Ако се остават слободно да работат судиите и обвинителите ќе имаме добри резултати во судството.
*Каков е Вашиот став за најновите реформи во македонското образование
Мицкоски: Сѐ уште ги разгледувам. Првично се чинат катастрофални. Но, не сакам сега да влегувам во детали. Наскоро ќе имаме и детална анализа.
Comments are closed for this post.