Република Македонија влегува во општествена, економска и политичка криза. Неспособноста да се управува со политичките процеси, да се испорача резултати кои се ветија и кои се потребни на граѓаните Владата и Заев ја втурнаа државата во поголема и поопасна криза. Се работи за влада со изгубен легитимитет, влада која година ипол буквално не испорача ниту еден резултат. Договорот со Грција е параванот зад која се одвива грабежот на деценијата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во видео обраќањето тој потенцира дека насилно се продолжува  со процедурата за уставни измени, и покрај тоа што народот се изјасни против договорот со Грција.

Ова се вика насилие. Процесот кој го раководеше лично Зоран Заев се удира во ѕид, и додека тоа се случува одново се лиферуваат нови лаги. Па така Премиерот вчера ќе го слушнеме како името Македонија било заштитено, во исто време додека истата таа влада поднесува амандмани со кои 288 пати го брише името Македонија во Уставот, и го заменува со ново име договорено со јужниот сосед, вели Мицкоски.

Тој потсетува дека  Владата, Собранието и секој еден пратеник ја има одговорноста да работи и дејствува согласно волјата на народот.

А волјата на народот е јасна и недвосмилено изразена на референдумот, потенцира опозицискиот лидер.

Тој повторува дека ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор и дека изворот на кризата која сега се случува не е отфрлениот договор со Грција, не е ниту пропаднатиот референдум, туку самата власт и Зоран Заев.