Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во рамки на предизборната кампања за претседателските избори пред митингот се сретна со битолчани.

„Посетата ја започнуваме овде од пазарот, каде што сакаме да поразговараме со луѓето што се во секојдневен контакт и во допир со Битолчани, да споделиме искуства, да ги слушнеме нивните искуства од тоа како денеска живеат луѓето, каква е потрошувачката помеѓу луѓето овде во Битола. И мислиме дека од таа навигација можеме многу да научиме, а во иднина истата таа навигација која што ќе ја добиеме од овие луѓе да ја искористиме и во рамките на креирање на нашите политики во подоцнежна фаза“, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека е сигурен во победата на овие претседателски избори и се надева дека премиерот ќе остане на зборот и веднаш потоа ќе распише предвремени парламентарни избори.

„Затоа сето она искуство и сета онаа навигација која што ќе ја добиеме од граѓаните во Битола и од Пелагонискиот крај, но и од овие луѓе кои што се овде на пазарите ќе бидат од огромно значење во креирање на идните политики на ВМРО-ДПМНЕ“, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на повикот од премиерот Зоран Заев за позитивна кампања, опозицискиот лидер изјави:

„Човекот кој што најмалку има право да зборува за концепти е господинот Зоран Заев. Зошто го велам ова? Ова го велам затоа што сите оние концепти кои што ги слушнавме во минатото од овој политичар видовме дека во моментот кога ќе дојде до реализација на концепти кои што тој ги ветува, не само што нема реализација туку токму спротивното се случува. Човекот на кој што атрибут за однесување е лага зборува за концепти, помалце комично, но не е толку комично колку што е трагично. Ние водиме кампања во која што сакаме на граѓаните во Република Македонија да им ја преставиме реалната слика што се случува во Република Македонија. А, не онаа розевата која што владините мегафони во центарот на лаги и манипулации на СДСМ сака да ја долови пред граѓаните“, рече Мицкоски.