Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Општина Ново Село Николчо Стоилков денеска на митинг се обратија пред граѓаните.
Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е народна партија која заедно со граѓаните ќе се избори со сите неправди кои и ги направија СДСМ и Заев, односно како што рече тој ВМРО-ДПМНЕ се бори за Македонија во која граѓаните ќе имаат подобар живот.
„Ние одбиваме да живееме реалност во која политичарите газат дебели, црвени килими на балови, во фракови, каде што луѓето блиски од семејството на врхушката на СДСМ се возат во Бентли, се возат во Мајбах, затвараат ски патеки за да можат да се санкаат. Ние одбиваме таква реалност. Нашата реалност е градоначалници и политичари кои нема да носат инспектори под мишка, туку проекти и заедно овде со граѓаните, ќе работат за граѓаните колку побргу тие проекти да ги реализираат, кои што ќе бидат за доброто на граѓаните“, вели Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 21 април масовно сплотени заедно да го поддржат кандидатот за градоначалник на Ново Село од ВМРО-ДПМНЕ Николчо Стоилков, како и кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, бидејќи она што им го ветиле на граѓаните, а тоа е право, правдина и работа за поквалитетен живот ќе го исполнат.
„Ќе видите изморени политичари кои секојдневно крваво, пеколно ќе работат, а не политичари кои што ќе газат дебели, црвени килими на балови дотерани во фрак со лептир машна“, рече Мицкоски.
Додека пак кандидатот за градоначалник на Ново Село Николчо Столков пред граѓаните посочи дел од неговата изборна програма.
Столков вети дека на откупните места на земјоделците производи ќе биде изграден ладилник, се со цел земјоделците да имаат простор каде да го чуваат својот труд се додека не добијат подобра откупна цена.
„Со цел помагање во регулирањето на цената на земјоделските производи, на откупните места ќе биде изграден ладилник., земјоделците нема да мора веднаш да го продадат својот труд, туку ќе имаат можност да го чуваат до одреден период до добивање на добра откупна цена“, потенцираше тој.
Стоилков нагласи дека тој како иден градоначалник ќе води грижа од најмладите до највозрасните граѓани, додавајќи дека веднаш по неговиот избор ќе започне реконструкција и изградба на локалните патишта во Ново Село.
„Општина Ново Село ќе отпочне обемен проект преку кој ќе биде анализирана состојбата во здравството за сите граѓани кои моментално се наоѓаат на територија на општината. Согласно добиените резултати ќе биде формирана критична зона која ќе биде особено насочена вниманието на медицинските служби. Ќе се обезбеди 24 часовна медицинска помош со амбулантно возило. Веднаш ќе почнеме со санација и изградба на локалните улици и патишта за да се спречи понатамошното уништување и амортизација на автомобилите на граѓаните на општината“, кажа Столков.
Comments are closed for this post.