Македонската држава и македонскиот народ живеат во секојдневие во кое се соочени со огромна здравствена и економска криза, што е излезена од контрола, но и со надворешни притисоци и обиди да се негира националниот идентитет, поради што е неопходно сите во државата да се обединат, да ги стават суетите на страна и заедно да работат на наоѓање излез од проблемите.
Ваква порака испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од протестот заљ 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во чии рамки конвој автомобили патуваше од Скопје до Штип.
Мицкоски истакна дека токму хероите коишто го формирале македонското револуционерно движење и никогаш не потклекнале во борбата за Македонија, треба да пример за денешните генерации дека македонскиот народ мора да постигне единство кога станува збор за клучните прашања, да покаже морал и црвени линии кои заеднички ќе ги брани.
Многу е важно да се постигне македонско национално единство. Да не се расеменуваме ниту делиме затоа што сме и вака и расеменети, и поделени. Мора за клучните прашања да покажеме единство, да покажеме морал и црвена линија која заеднички ќе ја браниме. Рамо до рамо еден до друг. Никој нема добро од тоа да бидеме понижени дури и оние кои во замена за пари и фотелји мислат дека така ќе им биде подобро. Нема да им биде подобро зошто нивните деца а и тие самите ќе бидат дел од асимилирана и понижена земја. Тоа не смееме и нема да го дозволиме. Тоа им го должиме на генерациите после нас а тоа им го должиме и на генерациите пред нас кои што се изборија за оваа држава – истакна Мицкоски.
Во таа насока, Мицкоски потенцира дека насоките за таквата политичка борба се јасни.
Како што истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа се европските вредности, а тоа подразбира и воведување морал и чесност во политиката, со што ќе се промени досегашната пракса на мафијашко однесување на луѓето што се на власт.
Нашата иднина е во ЕУ, но знаеме дека оваа власт е најмалку европска. Зошто? Затоа што ги видовме како крадат пари од ЕУ, и како панамски пари завршуваат со бизнис зделки со антинато бизнисмени во Тетово, но затоа ќе ја направиме разликата и ќе ја придвижиме интеграцијата. На Македонија и требаат стратешки пријателства со нашите стратешки партнери, а не стратешки предавства за лични интереси на политичарите на власт.
Ќе се борам во името на оваа моја генерација да докажам дека во политиката може поинаку од се што досега сте виделе. Мораме да станеме бранители на моралот и етиката во политиката. Не тоа да биде срам туку да биде гордост. Тоа не е апстракција туку вистинска вредност. Мораме да докажеме дека мафијата е мафија затоа што има чесни луѓе кои се борат против нејзе. И дека таквите не се малцинство кое молчи туку мнозинство кое ќе стане гласно.
Мораме да се бориме за силна економија, за конкурентност во економијата. Немаме повеќе генерации за губење ниту авиони за праќаме млади луѓе на печалба. Тука да ја создаваме иднината. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако тука ја донесеме Европа. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако ги вратиме сите оние млади луѓе наши сонародници кои што ја напуштија својата држава. Ја задолжија државата цели две милијарди евра од кој една милијарда откога е ковид кризата. Сите запрашајте се што ново изградија? Затоа треба промена. Ќе докажеме дека ја сакаме Македонија повеќе ако покажеме дека има чест, морал и кичма во политиката. Сите ние ќе ја сакаме повеќе Македонија ако докажеме дека наместо занимавање со проценти во администрацијата ќе се бориме за квалитет на кадрите. За повеќе достоинство и чесност во судиите кои ќе носат правда за обичниот народ – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна и дека е свесен оти таквата борба нема да биде воопшто лесна, особено не во време кога секојдневно голем број граѓани ги губат животите поради епидемијата која без контрола се шири низ земјата.
Тој посочи дека во текот на девете месеци, колку што трае епидемијата, наместо за одредување конкретни и полезни мерки за сопирање на корона вирусот, власта се посвети на спроведување поткуп што граѓаните секојдновно го плаќаат со човечки животи, а показател за тоа е што бројката од 2.000 заразени, којашто власта ја проектираше за цела епидемија, деновиве лесно се надминува во тек на само една недела.
Како што вели Мицкоски, што е уште пострашно во целта таа ситуација е што и покрај се, Зоран Заев и неговата власт наместо да донесат конкретни мерки што ќе им помогнат на граѓаните, работат на носење закон со кој сакаат регулираат надлежности и политики.
Мицкоски истакнува дека токму од таму доаѓа и неговото барање за обединување на сите политички чинители во земјата за да ги споделат своите идеи и ставови и кобечно да се преземе нешто конкретно и да се сопре ширењето на епидемијата.
Нивната неспособност не е политичка придобивка за опозицијата туку уште еден човечки живот помалку на трпезата на ручек, вечера. Уште едно загубено работно место уште едно предавство и понижување. Затоа еден почитуван мој пријател соборец сопартиец ќе рече не ти требаше да бараш лидерска средба, никогаш опозицијата не бара и власта не дава. Да, можеби е тоа така во некои други мирнодопски времиња, но денес ние се бориме за опстанок. Ова е повеќе од воена состојба и катаклизмата е пред нас.
И, кога гледате дека нема разум, чест и честитост тогаш единствено нешто што ви преостанува е сами да се изборите за тоа што можеби вам ви припаѓа. Да се изборите за вашиот народ, за вашите сограѓани, да се изборите за Македонија. Ете затоа ја побарав таа лидерска средба. Затоа почитувани пријатели нема простор за суетност и гордост, туку за одговорност кон својата држава и граѓаните на Македонија. Затоа треба да се седне и да се разговара. Тоа ќе значи и спасени животи. И, го барам ова не затоа што Заев ми е мил, туку затоа што се работи за нашата татковина и нашите најмили – истакна Мицкоски.
Comments are closed for this post.