Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната средба со вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, ги објаснил деталите и аспектите на законот за организирање на обвинителството што го предлага партијата.

Мицкоски, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, укажал и на важноста од бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот од секаков тип.

Теми на средбата биле и развојот на меѓусебните односи, актуелната политичка состојба и реформските процеси важни за државата.

„Мицкоски на средбата ја изрази својата загриженост поради лошата економска и политичка состојба и ја нагласи потребата за засилени реформи во процесот на исполнување на стратешките приоритети на Република Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците ја истакнале важноста за развој на македонско-американското стратешко пријателство и поддршката на процесите важни за државата. Мицкоски ја потврдил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за заедничка соработка и развој на македонско-американските односи.