Пред полната сала „Јане Сандански“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг од Разговорите за обнова на Македонија се осврна на својата визија за обнова на Македонија. Иако свесен дека народот е разочаран од политичарите, тој нагласи дека сите политичари не се исти.

Не сакам и нема да дозволам моето име да се поистоветува со луѓе кои го изневериле народот. Ќе видите. Давам збор дека ќе биде поинаку, подобро, затоа што може подобро, вие заслужувате повеќе, а Македонија заслужува подобро, рече тој.

Мицкоски додаде дека чувствува обврска како политичар во име на држаавата да му се оддолжи на народот, кој 29 години дава постојано за оваа земја.

Вие никогаш до сега не ја разочаравте Македонија, а сега Македонија не смее да ве разочара вас. И сето ова јас го чувствувам за моја обврска и мое ветување кон секој еден од вас. И што би бил јас ако прв не го применувам тоа што го барам од секој мој соработник. А се знае дека прво што треба да се направи е моралниот кодекс да се почитува дома, во својот двор. И затоа постојано повторувам и велам дека секој кој е со мене од мојот тим мора да му слугува на народот, на граѓаните и на нашата земја. И дека мора да покажеме чесност, без нималку арогантност, да покажеме дека сме спремни да се откажеме од секој кој се огрешил пред законот и пред народот, и дека нема вечни функции и дека државниот интерес е пред сите други интереси. Да се откажеме од секој кој греши, за да не грешиме пред народот. Македонија страда од тоа што квалитетните се маргинализирани, а неспособните на фунцкии. Не смееме да го повторуваме филмот на минатото, без оглед чија лента редиме на проекторот, на ВМРО или СДСМ. Ако се грешело сега и во минатото, знам дека во времето пред нас нема простор за грешки, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски зборуваше и за вредностите во кои верува: правда, принципи, промени и победа.

Ќе донесам ПРАВДА. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм. И колку сега сме обвиени во неправда мојот мотив е уште посилен да се спротивставиме на мафијата и оној трул систем кој не влече надолу. Затоа што имаме неправда, пред се кон обичниот народ кој е заглавен низ судските лавиринти, кој трпи не само законска туку и морална неправда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму затоа што ја сакаат Македонија. Да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние политичари кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои ни се појавуваат во општеството како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не, браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е. Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна, таа е единствена и безмилосна. И еве тука сте сите вие и ви велам дека мора да биде така, да се избориме за правда.

И точно знам што говорам и знам дека ова е голема обврска, знам дека по преземањето на власта вие што сте блиску до мене сега, ќе има такви кои ќе се изгорите од мечот на правдата зашто сте нанеле неправда, и ви кажувам сега за да знаете дека нема да има изговори утре колку и тоа да е болно за нас. Одговорност мора да има засекого. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите. И тоа мора да го знаат сите функционери сега во Заевата влада, но и самиот Зоран Заев. И тука амнестија не му помога. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ.