Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  попладнево се сретнал со коалиционите партнери од коалицијата „За подобра Македонија“.

Коалицијата за Подобра Македонија оцени дека договорот на Заев со Грција е отфрлен од граѓаните кои јасно и недвосмислено се изјаснија против на референдумот, оние кои гласаа против и оние кои апстинирајќи одлучија да не го поддржат, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата било констатирано дека изигрувањето на волјата на граѓаните би преставувало замирање и поништување на демократијата.

Коалицијата за Подобра Македонија ги осудува сите нерегуларности присутни при референдумското изјаснување организирано од власта. Се осудуваат чиновите на евидентно полнење на кутии, притисоци, закани и уцени на администрацијата, групно гласање, лажното преставување, вознемирување на приватните телефонски броеви на членови на опозицијата од страна на организирани кол центри, зад кој постои основано сомневање дека стои токму СДСМ и редица други неправилности. Дури и со вакви брутални притисоци владта не успеа да го протурка договорот со Грција и доживеа неуспех, стои во сооптението за средбата.

Додават дека коалицијата за Подобра Македонија застанува зад барањата да се формира техничка влада најмалку 100 дена пред изборите, да се избере нов Јавен Обвинител на предлог на опозицијата, како и да се формира посебна собраниска комисија која ќе ги испита и утврди одговорностите за злоупотребите направени при референдумското изјаснување.

Политичките партии од Коалицијата за Подобра Македонија смета дека референдумот е неуспех не само на договорот туку и казна за сите неуспешни и погрешни политики и неостварени ветувања на актуелната Влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ.