На денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“, Судот прифати обвинетите Јасна Мандиќ Ерцеговиќ и Фросина Ременски да приложат доказни предлози во постапката.

За судот се прифатливи дел од материјалните докази на Јасна Ерцеговиќ, но само ако бидат обезбедени во законски предвидена форма, односно оригинална уплатница, а не во фотокопија, како и предлогот да биде изведена нејзина комуникација преку електронска пошта.

Во однос на предложените докази од одбраната на Ременски, судот рече дека прифаќа да се прикажат дел од предложените веб страни од одредени министерства на владата, како и дел од останатите предложени материјални докази. Во однос на предложените докази од двр уред судот рече ќе може да се изведат, само доколку се достават и лозинките за уредот.

Судот, не прифати да бидат изведени делови од програма на политичка партија, укажувајќи дека не се однесуваат на кривично правниот настан и предметот на обвинението, како и предложените медиумски написи, за кои судот рече дека не може да бидат докази.

Следното рочиште е закажано за 9 јуни и треба да продолжи со изведување на материјални докази од одбраната на Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.