Незадоволното членство од ДУИ, предводено од потпретседателот на партијата Изет Меџити, вчеравечер одржаа средба со партиски членови и симпатизери во Гостивар, од каде уште еднаш изразија незадоволство од резултатите на извршната власт на ДУИ во Владата на чело со Артан Груби како прв вицепремиер.

Во време кога власта има 64 пратеници, за да го спаси Артан, зема пратеници од опозицијата, што значи дека Алијанса е за Артан, а не за Европа. Правејќи акробации за 80, можеби немаме ни 61 пратеник. Сега за Европа ќе одат со Арбен Таравари, кој до вчера беше со Москва и со Левица. За да се изгласаат уставни измени потребни се уште шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа не е сигурно, па ќе треба да се обезбедат уште со нова акробација, рече Меџити, од средбата во Гостивар.

Меџити уште еднаш го изрази незадоволството од Артан Груби како прв вицепремиер во Владата и го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да го свика Централното собрание за да се види кој треба да си оди, а кој да остане.

Грешка беше Артан Груби да биде организационен секретар бидејќи не ја познава структурата. Имаме парламент со лојални, но не и квалитетни пратеници. Ни требаат отворени листи, додаде тој.