Масовни кражби на велосипеди низ главниот град. Речиси нема ден да не биде украден велосипед. Се краде од подруми, дворови, заклучени простории, ходници па и без срам од центарот на градот. На социјалните мрежи граѓаните постојано објавуваат за украдени велосипеди и се жалат дека полицијата не е ажурна.

Во периодот од јануари до јуни 2019 година се пријавени вкупно 368 кражби на велосипеди, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во периодот од јануари до јуни 2019 година се пријавени вкупно 368 кражби на велосипеди (кражби и тешки кражби). Гледано по подрачја, на подрачјето на СВР-Скопје биле украдени 159, а во СВР-Битола имало 70 пријави. Од преостанатите, на подрачјето на СВР-Охрид се пријавени 44, потоа во СВР-Струмица 42, а во СВР Куманово 18.

Во СВР-Штип пристигнале 17 пријави, а во СВР-Велес 13 пријави, додека само пет случаи на украдени велосипеди биле пријавени во СВР-Тетово.

Како што информираат од МВР, во 2018 година се пријавени 628 кражби на велосипеди, но не информираа колку од украдените велосипеди се пронајдени и вратени на нивните сопственици. Но, таа бројка, се претпоставува, сигурно е поголема бидејќи многумина и не се осудуваат да пријават кражба.

Објавите за украдените велосипеди се чести на фејсбук-групата „Украдени точаци“, каде што сопствениците споделуваат објави и карактеристики за украдените миленици на две тркала, но и искуства дека полицијата тешко ги пронаоѓа.