По повод Меѓународниот ден на жената, денеска со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женски права, кој го организира Платформата за родова еднаквост.

Ќе се маршира под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“ со што организаторите велат дека сакаат да упатат порака оти жените не може да бидат слободни кога сè уште се борат за работнички права, достоинство и почит и живеат под закана од насилство и системска дискриминација.

Маршот е и за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“ и сите жртви на родово засновано насилство. Како што велат организаторите, маршираат за да ги потсетат институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанат додека не се исполнат нивните барања.

„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ’Јавна соба‘, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции, се вели во најавата за маршот.

Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од пред МВР кон паркот „Жена борец“ каде што ќе заврши со обраќање до јавноста и институциите.

Претходно, Платформата упати барање и апел до работодавците да ги ослободат работничките од обврски на 8 март од 14 до 17 часот, со цел да присуствуваат на овогодишниот марш.