Вистинскиот национален консензус за Европската Унија за жал кај нас се уште не е постигнат од сите политички актери, затоа што до сега во најголем дел бил само декларативен. Потребен ни е консензус со одговор на прашањето од сите политички чинители дали сакаме да станеме членка на ЕУ не под условите кои ние сме ги замислиле, туку под условите кои реално се на масата, истакна денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Според Маричиќ, 2030 година е достижна под два услова – да се изведат реформскиот процес и процесот на преговори, тоа е задача на сите политички чинители во државата и на сите делови во општеството, а вториот услов е да имаме временски план за членство од страна на ЕУ.

Како што додаде, овие два услова мора да бидат исполнети доколу сакаме да влеземе во ЕУ во 2030 или приближно до 2030 година.

-Одоговорот дали вредеше да се потпише Преспанскиот договор пред четири години само за да влеземе во НАТО го имаме денес. Да, вредеше, затоа што денеска никој не ја поставува под знак прашање стабилноста и целовитоста, иднината на Македонија и она далечно, но секогаш блиско прашање „дали ќе не биде“. Истото е и за ЕУ. Погледнете ги Хрватска, Словенија, Бугарија и споредете ги како изгледале пред членството, а како изгледаат денес. Ниту една од нив не назадувала по ниту едно прашање, рече денеска Маричиќ во обраќањето на тркалезната маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“ во организација на Советот на амбасадори.

Маричиќ потенцираше оти е точно дека поддршката за Европска Унија последните години е опадната.  Како што рече, подршката не опаѓа заради тоа што граѓаните не сакаат да бидат во ЕУ, туку заради недоволната динамика или разочараноста од динамиката на внатрешните реформи од една страна, но од друга страна и за недостижноста на реалното членство, заради недостатокот на перспектива понудена од ЕУ.

Според Маричиќ, европскиот концепт носи стабилност, просперитет и извеснот и тоа е концепт кој го сакаат граѓаните.

-Мислам дека процесот на преговори колку и да ни изгледа бирократски, и процесот на скрининг во оваа фаза, и понатаму отворање на кластери е шанса за успешно заокуржување и завршување на транзицијата на нашето општество, бидејќи преговорите нема да изостават да допрат ниту еден дел од нашето општество. Токму затоа и целиот фокус е ставен на брз и успешен скрининг. Овој процес не допушта импровизации, додаде Маричиќ.