Октомвриската сесија на Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците виси во воздух. На сите членови на македонскиот дел од комисијата на 15 септември им се истечени договорите и де јуре тие немаат мандат ниту да закажуваат седница, ниту да преговараат.
Исто беше и минатата година, само што тогаш со два месеци задоцнување на сите членови договорите им беа продолжени за уште една година, освен на Александар Литовски. Нему договорот му беше продолжен до крајот на годината, а потоа и раскинат, наводно поради негови семејни причини.
За ова веќе реагираа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, и членовите на комисијата, претседавачот Драги Ѓоргиев и членот Петар Тодоров.
Но, очигледно Османи се уште не нашол за сходно да ги продолжи договорите, иако од нивното истекување поминаа повеќе од десет дена. Дали и што се крие зад ова се уште не е јасно, но претпоставките можат да одат од тоа дека улогата на комисијата е веќе завршена работа и знамето во преговорите го преземаат политичарите на чело со премиерот Зоран Заев, па до тоа дека за нејзини членови ќе се бираат само подобни историчари и лица, односно апологети на власта.
Последната изјава на претседавачот Драги Ѓоргиев дека Владата не го повлекла мандат, што на комисијата и е доделен во 2018 година, согласно потпишаниот Договор за добрососедство, пријателство и соработка, е фактички обид за бледо прикривање на состојбата.
И на Ѓоргиев како член на македонскиот дел од комисијата му е истечен договорот и оттука тој ниту има мандат, ниту може да се претставува или медиумите да го претставуваат како нејзин претседавач.
Меѓутоа, ова за него не претставуваше пречка на ден пред почетокот на изборната кампања за локалните избори да ја толкува изјавата на премиерот Заев за бришење на терминот „бугарски“ од фразата „бугарски фашистички окупатор“. Дали по чисто струмичка линија да стане политограф, а не историчар, дали доаѓа до израз неговата партиска определба или, едноставно, на овој начин агитира за избор на редовен член на МАНУ, или можеби стравува за членството и претседавањето со комисијата, впрочем и не е важно. Важно е дека на овој начин го манифестира својот крајно сомнителен личен интегритет и на извесен начин самиот се става во улога на добро дресирана пудлица,
Но, крајно индикативно е што тој лично си презема улога на личен адвокат и бранител на ставовите на премиерот Зоран Заев, особено во делот на фашизмот на Бугарија за време на Втората светска војна. Тоа се случи и по скандалозното интервју на Заев за БГНЕС кон крајот на минатата година, а еве и сега, по последниот излет на премиерот за бришење на терминот „бугарски“ од фразата „бугарски фашистички окупатор“.
Иако во голем број случаи став на Ѓоргиев е дека не сака да коментира ставови на политичари. Така, на пример, на 26 ноември 2020 година тој за Дојче веле, а ќе пренесе Фокус.мк („Драги Ѓоргиев: Историските прашања да не се користат како политичка алатка“) ќе рече:
-Политички изјави не би сакал да коментирам, било да се од македонска или од бугарска страна.
Како што тогаш објасни, причина за ова е генерално погрешниот пристап на политиката.
-Генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Историските контроверзи, недоразбирањата и историографските спорови треба да ги решаваат историчарите, а не политичарите. Комисијата треба да биде оставена да работи без мешање и притисок. Политиката треба да отвори простор за Комисијата, а не обратно. Не треба да се создава тензија, ќе рече тогаш Ѓоргиев.
Само некој ден подоцна за Гласот а Америка („Ѓоргиев: Бугарија извршила „окупација“, но не била фашистичка земја“), тој ќе изјави дека „присуството на бугарската војска овде не може да се дефинира поинаку, освен како окупација“, но ќе додаде дека „не се согласува со формулацијата дека Бугарија била фашистичка земја“.
-Мислам дека таквата определба и таквата дефиниција на Бугарија не може да се примени, бидејќи Бугарија во тоа време според своето уредување не е фашистичка земја. Таа е коалиционен партнер на нацистичка Германија и на фашистичка Италија, но самата не е фашистичка земја. И дефинирањето на Бугарија како фашистичка земја, мислам дека не е во согласност со историските документи и реалност од тоа време, ќе изјави тогаш Ѓоргиев.
Пролетва, во март месец, во чест на одбележувањето на годишнината од депортацијата на македонските Евреи, во МАНУ беше промовирана книгата „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија„ од авторите Владо Поповски, Скендер Асани и Нора Малиќи, чиј промотор беше академикот Владо Камбовски. Би било добро Ѓоргиев да ја причита, ако тоа се уште не го сторил, па врз основа на документи да се запознае со законите, прописите, па и со комплетната атмосфера во Царството Бугарија пред и по почетокот на Втората светска војна.
Comments are closed for this post.