Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека ќе ја почитува евентуалната одлука и тој да биде зафатен со „чистката“ на владините функционери што ја најави неодамна премиерот Зоран Заев.

Апсолутно кај него е одлуката. Што и да одлучи апсолутно се согласувам со таа одлука“, рече Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека можеби „чистката“ ќе започне од кај него поради оценките на дел од јавноста дека нема реформи  во администрацијата.

Според него, апсолутно со „чистката“ ќе бидат опфатени вработените во администрацијата кои не одат на работа, а земаат плата.

Манчевски вели дека е субјективно да каже колку е задоволен од својата работа, смета дека секогаш може подобро и оти е главен судот на граѓаните.

Ветува дека на крајот на годинава ќе следат конкретни резултати во реорганизација на целиот систем, за што ќе се дебатира со опозицијата за да се добие поддршка и да не се протолкува како политички реваншизам.

За граѓаните е побитно какви услуги добиваат, а не колку институции има и како се распоредени. Сепак и во тој дел, заедно со Европската унија работиме на ИПА проект за реорганизацја и оптимизација на институциите од јавниот сектор. За тоа ќе биде потребен консензус и ќе се работи заедно со опозицијата и сите политички партии. Доколку немаме широка дебата и поддршка од сите веднаш ќе биде протолкувано како политички реваншизам од опозициските партии. Во овој процес мора да се влезе многу внимателно, со сериозни анализи, со надворешна експертиза како  што правиме моментно и на крајот на годината со видливи резултати“, рече Манчевски.

Тој појасни дека во администрацијата односно министерствата каде што најмногу е насочен фокусот и товарот за реформите работат едвај 4 000 лица. Со голем дел од јавниот сектор каде се образовните установи,  јавните претпријатија, акционерските друштва, граѓаните и немаат голем допир од аспект на барање услуги. Затоа не е едноставно. Во органите на државна управа коишто имаат најголем товар има недостиг на луѓе, а во јавниот сектор веќе е поголем хаос и затоа ни треба  серизна анализа која ја правиме, ќе биде презентирана на јавноста, нема да биде изненадување за никого и ќе се дебатира пред да се донесе решение,  наведе Манчевски., по завршната конференција за проект за модернизација на администрацијата.