Првите разговори меѓу лидерите на ЕУ за тоа кој ќе биде шеф на идниот состав на Европската комисија синоќа во Брисел завршија без договор, но и со веста дека има големи разлики меѓу Франција и Германија. Главната вест е дека францускиот претседател Емануел Макрон практично ја откачил германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот фаворит за претседател на ЕК – Манфред Вебер, кој доаѓа од редовите на баварската ЦСУ, сестринска партија на ЦДУ.

Што сега – е прашањето, ако се знае дека Макрон и воопшто не е среќен со изборот на шеф на ЕУ по принцпот – шпиц кандидат (spitzenkandidat), односно преку партиски конвенции а потоа да се постигне во рамки на Советот консензус. Овој пат Вебер не е прифатлив за шпиц канидат, и во игра се уште две силни имиња – Холанѓанецот Франс Тимерманс (социјалдеморкат) и новата европска политичка ѕвезда, либералката од Данска, Маргрет Вестагер.

Маргрет Стагер, фаворит од сенка

А, Макрон токму за неа вели дека „е силен кандидат“. Нормално е да поддржи кандидат од својот политички блок, па затоа сега се става на маса и франко-германската европска оска – што со неа? Како таа ќе се однесува во овие нејасни политички математики?

Сега почнуваат сериозните задкулисни игри за добивање гласови, поддршка, натиго-дајмиго, а една од клучните фигури во тие маневри ќе ја има претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

По сите вчерашни разговори, кои завршиле без договор, средба лице влице имале Макрон и Меркел, по кој германската канцеларка изјави:

Не е тајна дека тој (Макрон) не го поддржува принципот на главен (шпиц) кандидат, но сите мораме да се соочиме со ситуацијата во која се наоѓаме. ЕПП е најсилна во Парламентот. Но, нема мнозинство и затоа принудени сме на тешки размислувања“.

Таа додаде дека нештата се многу поразлични отколку во 2014 година кога Жан Клод Јункер беше избран за претседател на ЕК.

Сега изгледа многу покомплицирано, мораме да се соочиме со тој факт и повторно да најдеме добро решение„, додаде Меркел.

Свена морковот за Македонија?

Што вели математиката? ЕПП е најголема, но од 221 седиште на последните европски избори, сега се сведе на 180. Па, дури и заедно со социјалистите и демократите не можат да направат мнозинство, па затоа ќе се бараат коалиции.

Ова сигурно ќе одземе многу време и енергија, состојба која им одговора на ултра-партиите, особено од десницата, но негативно ќе има ефект на некои процеси, како што е проширувањето, а тоа значи дека е многу веројатно Македонија да остане и наредната година во чекалницата на ЕУ. Тоа значи дека нема да го добие морковот наречен почеток на преговори за членство, што би било и награда за промената на името на државата.

Слична е состојбата и со Албанија, но таму политичката состојба е на точка на вриење, па пораката од Брисел само ќе го дозоврие котелот.