Угледниот „Политико“ по втор пат во два дена пишува за шансите Македонија да добие позитивна одлука од ЕУ за започнување на пристапните преговори.

Толкувајќи го речникот на францускиот претседател Макрон во текот на прес-конференцијата со германската канцеларка Меркел, „Политико“ во поднасловот на текстот „Макрон бара реформа на „бизарниот“ систем за европските надежи“ заклучува дека „лидерот на Франција ја исклучил можноста за пристапни преговори со Албанија, но се чини дека остава зрак светлина за Северна Македонија“.

Според „Политико“ во својата изјава во Тулуз, Макрон давајќи пример со азилантите, јасно ставил до знаење дека не може да прифати отварање преговори со Албанија, но дека во оваа фаза, оставил простор за маневар околу Северна Македонија.

Во текстот, во кој се пренесуваат ставовите на Макрон и Меркел од Тулуз, исто така се цитираат и дипломатски извори според кои „Париз има неколку сојузници во однос на одбивањето на Албанија, но Макрон и неговата Влада се осамени во блокадата на Македонија“.

„Ставот на Франција предизвика бес кај членките на ЕУ, а германската канцеларка Ангела Меркел е таа што треба да го оставри своето влијание за Франција да ја омекне својата позиција“, пишува „Политико“.

Во своето европско издание „Политико“ посочува дека според критичарите, Франција со своето однесување ќе предизвика дестабилизација на Балканот и зајакнување на ривалските сили во нестабилното јужно крило на ЕУ.

Тоа, како што велат тие за „Политико“ особено се однесува на Северна Македонија која ги исполнила тешките услови утврдени од ЕУ, вклучително и со решавање на долгогодишниот спор со Грција.

„Неуспехот да се отворат разговори со Скопје ќе влијае лошо на кредибилитетот на Унијата“, коментира „Политико“.

Повикувајќи се на добро упатени извори, „Политико“ уште еднаш го акцентира сомнежот дека Макрон го злоупотребува прашањето за проширување на ЕУ како потпора за да се добие отстапки на други полиња.