Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, денеска изврши увид на мерната станица во Центар. Според него напорите на Владата, но и на сите други институции за намалување на аерозагадувањето веќе даваат резултати.

Грижата за квалитетот на воздухот и за здравјето на граѓаните е задничка. Сите дишеме ист воздух и сите ја имаме истата потреба воздухот да биде чист бидејќи здравјето на граѓаните е најважно. Затоа, повикувам на здружени и координирани акции, повикувам на сечиј придонес, на индивидуална и колективна одговорност. Колку помалку загадуваме толку подобро – колку повеќе чистиме толку подобро. Колку повеќе вклучени граѓани и институции – до толку почист водух, низ целата Македонија и низ цело Скопје. Не чека долга акција за справување со загадувањето односно со загадувачите. Ќе биде потребно време да се реши оваа состојба, но треба да ни биде јасно на сите дека резултатите ќе станат видливи доколку останеме посветени и здружени во оваа акција, рече Макрадули.

Тој истакна дека споредбата со 2016 и 2017 покажала намалување на бројот на денови со зголемена загаденост.

Постои сериозно намалување на бројот на загадени денови во Тетово, каде во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 година – 115, додека во 2018 тој број паднал на 10. Во Битола, минатата година имало 105 загадени денови споредбено со 65 денови годинава на првата мерна станица, или 99 загадени денови лани наспроти 70 годинава на локацијата на втората мерна станиц. Просекот од сите мерни станици на национално ниво покажува благ пад, од 99 загадени денови во 2016 и 2017 на 86 загадени денови во 2018 година, во периодот 1 јануари – 30 ноември. Во Карпош, постои двојно намалување на ПМ 10 и тоа од 525 максимална вредност во 2017, сега во 2018 се измерени 245. Во Миладиновци (од 423 на 188), во Битола 2 (од 530 на 184) Куманово (од 450 на 205) и Центар (од 482 на 224). Од оваа анализа се разбира ги исклучивме мерните станици кои не се во функција, иако и таму има намалување до моментот кога работеа. Понатаму, анализата покажува тенденција на намалување на највисоките измерени ПМ10 вредности на годишно ниво, односно пад на највисоката регистрирана загаденост на воздухот.Просекотод највисоките ПМ 10 вредности од сите мерни станици паднал од 336 во 2017 година на 189 во 2018 година, појасни заменик – министерот.