Една личност со две лица во две различни интервјуа, испратени клучни пораки, од кои една крајно контроверзна и негаторска во однос на Македонците, и мали недоразбирања. Вака некако суштински може да се оцени „мисијата“ на екс-премиерот и претседател на ВМРО-НП, Љупчо Геoргиевски, во соседна Софија.

Дали со ова ги остварил очекувањата на оние, кои го испратија допрва ќе видиме. Но, непобитен факт е дека „просечниот бизнисмен и печениот врховист“ уште еднаш го предизвика вниманието да домашната јавност.

-„Длабоката држава” во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу двете земји, гради омраза и непријателство кон Бугарија, вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност, во суштина, тие не се сите Македонци, изјави во првото интервју за БГНЕС,  Георгиевски.

И спореде него, токму оваа „длабока држава“ ги нарушува нормалните односи меѓу двете држави, што го почувствувал и на своја кожа додека бил премиер, па додаде:

-Нешто слично, ако го гледате сега Трамп како се бори со некои невидливи структури. Вие добро се сеќавате дека јас како премиер на тој начин се борев.

Неговата споредба со борбата на американскиот претседател Трамп против „длабоката држава“ и актуелизирањето на македонската „длабока држава“, која во моментов ги нарушува нормалните односи меѓу Македонија и Бугарија отворено ги поставува и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев во улога на Трамп. Што ќе рече дека Пендаровски е македонски Трамп 2, а Заев-Трамп 3. Зашто, и тие се борат со нашата „длабока држава“, со оглед дека односите меѓу Македонија и Бугарија се доведени до точка на вриење.

А, како, според логиката на Георгиевски, можат да се Трамп 2 и Трам 3 кога под првиот е Агенцијата за разузнавање, а под вториот Агенцијата за национална безбедност? Значи ли тоа дека обајцата немаат контрола врз двете безбедносни служби, иако сме веќе земја-членка на НАТО, потоа дека тие се уште не се реформирани според највисоките НАТО-стандарди и дека нивните први луѓе треба веднаш да се разрешат, зашто дозволуваат македонската „длабока држава“ да ровари и да го нарушува добрососедството со Бугарија?

Но, тоа што е најболно е што според Гергиевски сите неименувани професори, новинари, претставници во владините институции и во националните служби за безбедност не биле Македонци!? Значи секој, кој напишал нешто или изнел личен став за бугарската антимакедонска хистерија не бил Македонец и е дел од македонската „длабока држава“! И ваквата негова констатација доаѓа во време кога најголемиот број медиуми оценија дека бугарските уцени за одржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ само го зацврстил македонскиот идентитет. И кој е во право-Георгиевски или медиумите, меѓу нив и такви кои се финансираат и со европски пари?!

Очигледно, ваквото тврдење на Георгиевски е надвор од здравиот разум.

Второто интервју на Георгиевски за ТВ Европа, пак, со сосема друг тон. И во него главна точка беше спротивставувањето на тезата, што ја ја пласира официјална Софија дека „македонизмот“ е творба на Тито.

-Тоа не е точно, напротив. Прва за „македонизмот“ се залага Бугарската комунистичка партија (БКП). Прв кој важи за основач на современата македонска историографија е Васил Ивановски. Тој е член на ВМРО-Обединета, а потоа и на БКП и тој е основач на весникот „Нова Македонија“. Во Македонија е до 1945-46 година, потоа е повлекува во Бугарија и тој до 1991 година живее во Бугарија. Тој е првиот, кој ја изнесува тезата дека Самоиловото царство е македонско царство. Вториот е комунист од Пиринска Македонија на кого во моментов не ми текнува името, а третиот е Павел Шатев. Значи, тоа нема врска со Тито, бидејќи тој доаѓа на функција во 40-тите години, а тезата за самостојна македонска нација и македонски јазик почнува со ВМРО-Обединета во 1924 година, во 1934 година комплетно се формализира и ако ги погледнете текстовите на српските комунисти и на бугарските комунисти, ќе видите дека таа теза српските комунисти ја примаат технички, а бугарските со многу жар, со многу љубов и со многу волја пишуваат за македонска нација и македонски јазик. Така што, темни петна има и во бугарската и во македонската историја, но таа не смее да се симплифицира, изјави Георгиевски.

Со ова Георгиевски погоди во центар и стави клин меѓу бугарските тези за апсолутно присвојување на идеите за автономија и самостојна македонска држава и сведувањето на Македонците и на „македонското државиче„ на чисто коминтерновска творба и на Тито.

Но главната цел на посетата на Георгиевски на Бугарија, всушност, беше да ја пренесе пораката на актуелната македонска политичка елита од власта, Софија да го прифати Гоце Делчев како заеднички, македонско-бугарски револуционер и на сметка на тоа да не го попречува патот на Македонија кон ЕУ.

Ова, пак, има две недоследности. Првата, што тоа би значело носење чисто политичка одлука, без да се чуе ставот на историчарите и втората, што за ова не постоио општ политички консензус во земјата. А, тоа го прави ваквото решение лабилно и неодржливо на подолг рок.