Во вторник не само што почнуваат преговорите и ќе има конференција, истиот ден попладне почнува и скрининг, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференцијата по враќањето од Софија, каде со бугарската колешка Теодора Генчовска го потпиша билатералниот протокол.

Во вторник експертите на ЕУ влегуваат во нашите институции, од вторник почнуваат да се бројат деновите до членство – рече Османи.

Тој додаде дека по бугарското вето пред 3 години не сме можеле да добиеме се, но, како што истакна, сме добиле 3 битни позиции.

Добивме чист јазик, историските прашања да не бидат услов во преговорите и тие да почнат веднаш, а Бугарија доби одржување на втора конференција откако претходно ќе се направат уставни измени – посочи Османи.

Според него, многу полесно ќе ги решаваме недоразбирањата со Софија додека сме дел од процесот во ЕУ, отколку да останеме надвор и да чекаме некои подобри времиња.

Реципроцитетот е принципот содржан во протоколот, кој денеска во Софија беше потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, а кој, како што појасни Османи на денешниот брифинг со новинарите во правна форма претставува записник од состанок, во кој се прави пресек на постигнатите резултати од дијалогот и меѓусекторската соработка во периодотт 2019-2022. Со оглед на тоа дека меѓувладината комисија не се состанала од 2019 година, по бугарското вето, во денеска потпишаниот докумнент е содржан периодот од три години, а вообичаено е овој документ се потпишува еднаш годишно.

Османи денеска пред новинарите ја презентираше содржината на Протоколот, кој освен податоците за политичкиот дијалог, средбите, работата на меѓусекторските групи, ги содржи и точките од пакетот четири плус еден и што се очекува од двете земји во тие области согласно Договорот за добрососедство.

Поддршката за евроинтеграцијата на Македонија е составен дел од Протоколот, а тука се појаснува одржувањето на првата Меѓувладина конференија со ЕУ, која во случајот на земјава е поделена на две фази политичка конференција, почеток на процес на скрининг, а потоа и втората конференција и отворање на поглавјата, но откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот.

Република Бугарија изјавува подотвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина политичка конференција со ЕУ со разбирање дека следната меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Реепублика Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани, кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ, се наведува во Протоколот.

Согласно францускиот предлог, задутре се одржува меѓувладина конференција, потоа трае скринингот, година и половина, по завршување на скринингот има втора меѓувладина конференција, за неа нема нова одлука на Европскиот совет, туку утре во 18 и 30 се носат одлуки за двете конференции и за првата пред скринингот и за втората по него, со тоа што втората е условена со уставните измени, рече Османи.

Тој нагласи дека дел од други народи, значи истото што го имаат другите заедници, во земјава, односно делот, каде што стои српскиот, влашки, ромски народ…продолжува делот хрватски, црногорски, бугарски народ. Вели дека ова не е новина, споменувајќи ја тука Хрватска, која во својот Устав внесува 25 заедници пред да стане членка на Унијата.